Велат дека наскоро и при купување леб ќе морате да потврдите дека сте за промена на името, оти без тоа немало да го добиете насушното. Настрана што во кооперацијата, со потписот добивате и „следовање“ на општонародна, владино-спонзорирана вересија до 30. септември, денот на референдумот. Морате да се изјасните, оти поинаку не бива. Немате друга шанса за „ЖИВОТ“ и егзистенција. Никаква. Ако не ми верувате, прашајте ги Хан, Вајгл, Рот и кој уште не од дузината кампањски филантропи и надобудни душегрижници.
Да, тоа од неодамна е битот, основата на нашето постоење. Ако не сте „про“, тогаш сте „за никаде.“
Не сте баш убедени и дилемата се’ уште ви останува? Тогаш, прашајте ги Заев, Шеќеринска, Спасовски, Пендаровски, Манчевски, Николовски итн. итн. итн.
Хммм, дали скепсата полека се намалува? Јок, разбирливо. Признајте, дека и покрај убедувањето од наведените„силни“ карактери и докажани интелектуално-политички големини, сепак, огромна, грамадна нишка останува да провејува низ нашите мали, немиени, патриотски мозочиња.
Токму затоа, тука за вас и за сите останати се секогаш орните и расположени за извртување и убедување „професионални“ новинари, „невладини“ активисти, твитерџии и сијасет други непрокопсани чеда. Послушајте ги само нивните милозвучни прореферендумски посланија, каква величенствена река од мед и млеко излегува од нивните усти и подмачкани грла. Филантропите прават се за да ви ги отворат очите и вратите на неолибералниот им северномакедонски рај, но кажаното нема „помин.“ За жал, ним да зборуваат за убаво не им прилега, ама ич. Во свој „фазон“ се само кога плукаат и девалвираат, кудат и расчеречуваат, а вака се за греота, оти улогата не им стои. И така, тие добиваат златна малинка, а вие опасност од запек од нивните про-повраќаници.
Повторно, не успеваат да ве убедат. Упс, пак статива!
Така, вие и покрај сета оксиморонска-евтина пропаганда за која се трошат грдни пари, и натаму се инаетите и се’ уште не верувате дека промената на името е појдовната точка кон „македонската“ идентитетска и државна ренесанса? Со чиста свест, уште почиста мисла и со непоколеблив став тврдите дека сето ова е крајно потценувачко, недостоинствено, нечовечно и понижувачко? Неуморно повторувате дека за влез во сојузи чија одлика, демек, се демократијата и човековите права, нема никаква логика некој некого да условува со максимално понижување за влез во друштвото? Не сакате промена на Македонија каква ја познавате? Не сакате да ја менувате историјата, ваша, на вашите прадедовци, баби, деца и внуци? Не му верувате на Заев дека така сме го зајакнувале идентитетот? Се потсмевате на неговиот биљмез-исказ во обид – дека ако бојкотирате, ќе немало цензус, па така ќе немало ни одлука на референдумот? Непоправливи сте. Што значи, за никаде сте.
Да, нормално што не верувате оти, очебијно, имате проблем. Сериозен проблем. Сфаќате дека навистина сте за никаде и дека и официјално воопшто не сте подобни за „миење мозок“ или популарниот „brainwash“. Не ви е лесно, но тоа е тоа. Имате непоправлива маана.
А знаете ли на што се должи вашата неподобност? На НЕМИЕНОСТА ви. Ако не ми верувате прашајте ги северномакедонско ориентираните провладини чеда. Обожуваат да го лепат ова епитетче. Со таква неизмерна и нескриена сласт и страст излегува од нивните грла.
Да, констатацијата е јасна, имате сериозна „фалинка“ – НЕМИЕНИ сте, ама МОЗОЧНО. Останете такви.
Жал ми за вас, така неподобни и за никаде. Ќе имате голема мака во животот, ќе морате да живеете со став и со истиот тој став да се пробивте низ животот. Не е „ИНОВАТИВНО“, воопшто, ама е многу подостоинствено.
Нема да ви биде лесно, но јас не би сакал да живеам никако поинаку!
Љупчо Цветановски