Референдумското прашање ќе гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“ Прашањето е доста конфузно и двосмислено, дури не ја покажува ниту вистинската цел на референдумот.

Извинете да прашам, каква врска имаат ЕУ и НАТО со тоа што двајца премиери се договориле да извршат етноцид врз цел еден народ? Каква врска има влезот во ЕУ и НАТО со тоа што нас не’ принудуваат преку цела една владина кампања, да гласаме „ЗА“ промена на името на 30-ти септември?  Дали ќе се гласа за некоја си замислена иднина на Северна Македонија во ЕУ или за промена на име на Втората страна од Преспанскиот договор?

Ќе ве молам, без лицемерие. Не го ставајте акцентот на Европска Македонија. Не ја туркајте идејата дека ова е референдум за влез во ЕУ. Ова е референдум за промена на името од Република Македонија во Република Северна Македонија. И никако поинаку! Македонија и Македонците не сме против ЕУ и НАТО, ние сме против промена на името на државата.

Деновиве доаѓаат и ќе доаѓаат европски претставници за да и’ помогнат на Владата во убедувањето на граѓаните да го поддржат референдумот. Оние граѓани кои не сакаат да излезат, оние кои не го поддржуваат договорот или оние кои се изјасниле дека ќе гласаат против, ги обвинуваат дека се екстремни националисти.

Национализмот луѓе мои, е една идеологија на општествено, политичко и култруно дејствување кој националните интереси и вредности на една нација ги поставува над другите граѓански вредности и над интересите на другите нации.

Да живеат националистите! Ако не сакам да учествувам во предавството на Македонија, сум националист. Ако се противам на бришење на историјата на Македонија, сум националист. Добро, сум. Не сакам, повторувам, не сакам да учествувам во создавање на нова држава на Балканот по терк на соседните земји. Така како што им одговара на Грција, Бугарија, Албанија! Нивните креатори доаѓаат во земјава периодов за незаконски да агитираат да излеземе и да гласаме ЗА на референдумот. Вршење притисок врз цела една нација пред официјално започнување на кампањата. А, предвидено е кампањата за референдумот официјално да започне на 10 септември. Тоа не е незаконско работење?

Можеби сите граѓани не знаат, но законот во Република Македонија е јасен и не дозволува странски физички и правни лица да организираат изборна кампања во Македонија. Повторно се појавува незаконско работење од оние кои треба да ја водат државата според сите правила и прописи. Впрочем, така и ветуваа дека ќе биде пред да дојдат на власт.

Под маската за Европска Македонија се прикрива Северна Македонија. Под нејасното прашање дали сме за влез во ЕУ и НАТО, се крие волјата на Грција и неуставниот договор!

Тие велат “Излези за Европска Македонија“. Извинете, но јас не излегувам за Северна Македонија, колку и да е Европска!

Велат: „Зграпчете го моментот“ , а во превод би било: „Испуштете ја Македонија од раце, се’ што сте биле, време е за нова држава, за Северна Македонија, без корени, историја, без никаква поврзаност со она што била претходно“.

Сардисани со бугарски договор, сардисани со грчки договор, да не ја заборавиме ни т.н. Тиранска платформа. Од сите страни добивме договори кои ни ја контролираат државата, историјата, чувството на припадност, нацијата, културата!

Изгледа македонската жица на премиерот прерано се скина!

Ниту со пенкало дојдовте на власт, ниту со пенкало и запалка кои ги нудите, ќе ја избришете Македонија!  Влогот е многу поголем, ама вие си знаете.

Срамота. Греота. Од каде дојдовте-да не дојдевте…