Во стилот некои прашања не заслужуваат одговор Рашковски ја исхендла прес конференцијата на која требаше да ѝ ја објасни на јавноста набавката на нов радарски систем на М-НАВ, а и на која во најмала рака требаше да си даде оставка за епитетите употребени за Италија, Малта и земјите над/под екваторот. Е до душа најави 152 тужби за новинари и опозиционери. Така де, кај се видело новинари да пренесуваат и известуваат за скандали, кога ќе им фукне тужба сега и на италијанскиот „Ла Верита“ ќе видат и тие што значи слобода на говор.

Извинувајќи се до сите држави, народи и националности некако заборави да се извини на ЕБОР и на европските даночни обврзници со чии средства се финансира набавката на фамозниот радарски систем кој сè уште го нема. Или пак можеби нив извинување не им е потребно, затоа што треба да им биде чест и задоволство да издвојуваат средства за една вака блескава држава па макар истите тие средства да се користат за фаворизирање на одредени компании пред други.

Илјада зошто и ни едно затоа, отприлика така проаѓаат сите скандали на власта. Освен за Рашковски нема одговор и на прашањата за Курто Дудуш. Не дека нешто страшно направил градоначалникот на Шутка, само „малку“ го тепал Јашар откако насилно го внел во општинска просторија. Тој шамар не е шамар, односно неслучениот шамар во Центар има поголема тежина од случениот шамар во Шутка. Па така за неслучен шамар СЈО покренува обвинение и се води судска постапка, а за случен шамар ОЈО не покренува обвинение, нема што да се мачат во овие топли денови, предвидел законот пртиватна тужба па нек си тера тепаниот сам.

Никој не може да одговори ни на прашањето за Охрид, дивоградбите и губењето на УНЕСКО статусот. Се надевам владината делегација и градоначалниот на Охрид ќе им објаснат на конференцијата во Баку како дивоградбите на Нефи го оплеменуваат просторот и како со истите градот станува уште поавтентичен. Среќа билбордите ги тргнавме па имаме реална шанса да си го задржиме статусот.

Транспарентнава ни влада и независното судство немаат одговор ни на прашањата зошто мора притвор за Димитар Димовски, Дејан Митевски и останатите опфатени со случајот „шпански скали“ кога законот пропишал три основи за кои се определува притвор: опасност од бегство, влијание врз постапка и сведоци и повторување на дело. Цела среќа имаме предвидени и мерки за безбедност кои можат да се применат за да не мора во секоја ситуација да се изрекува притвор ама властодршците или не чуле за нив или едноставно им е фино да се изживуваат над политичките опоненти. Фала Богу исто немаат одговор зошто до сега не го вратиле во посед на државата земјиштето иако се на власт веќе трета година, изгледа не можеле да постигнат од многу работа.

За Кики, Фрики и Коки ќе го чекаме Геро да го продолжи фељтонот затоа што ОЈО и Заев не можат да се договорат дали има истрага или нема истрага и кои се можните јунаци од фељтонот на Геро.

Она што сакаат да ни порачаат е всушност ич да не прашуваме, да не нè интересира зошто секојдневно се задолжуваме кога капиталните инвестиции ни се пониски од јаготка или кои се функционерите кои местат тендери, а на кои посочуваат бивши советници и амбасадори на ЕУ земји членки. За здравството на Филипче исто така подобро да не прашуваме, не дај Боже да не добиеме одговор па да се пеплосаме. Има навистина многу отворени прашања па затоа најдобро би било да не прашуваме барем додека не погодиме прашање на кое ќе можат да ни одговорат со тоа дека блескаме.

Мартина Антиќ