Мухамед Красниќи, познат како командант Малишева, еден од водачите на терористичката група од Диво Насеље во 2015 година, на својотФејсбук профил директно од затворските ќелии, сподели статус со закани упатени до Косовската разузнавачка агенција (КИА).
– Во име на Кумановската група, апелирам до директорот на КИА, Шпенд Маџунит, заменик-директорот на КИА, Латиф Меровци и в.д. на косовската полиција, Наим Реџа, барем да не ни наштетува преку ниски методи, како што е следење на нашите семејства, пријатели или познаници, пишува командант Малишева на својот Фесјбук профил.
– Полвечете ги наредбите за следење и прислушување, затоа што во спротивно, како што нашите семејства и нашите деца не спијат мирно, така и вашите семејства нема мирно да спијат во Косово. Таму каде државата ги оштетува своите граѓани, во израз доаѓа Канунот со свои закони!
Апелот се однесува на многу службени лица на КИА, но јас ги објавувам имињата само на некои: Бардил Јашари, Њомза Красниќи, Шар Хараќија, директор во Приштина, Лулзим Лоши, Арсим Ибрахими, директор во Пеќ и Висар Шала, директор во Призрен.
Потоа, апелот, како што пишува, оди и за активните соработници и шпиони на КИА и Косовската полиција, преку социјални мрежи: Кадри Сулејмани и Агрон Темајн и нивната цела шпионска мрежа…
– Ние, Кумановската група, сме дел од американскиот проект за спречување на руското влијание во Македонија. Значи, има кој да се занимава со нас и таму се оние кои не ценат! Искрено не си играјте со нашите чувства и со нашите семејства, во спротивно ниту вие и вашите семејства нема да имате мир во Косово, порачува Малишева кој издржува затворска казна заради вооружениот конфликт во кумановско Диво насеље.
Инаку командант Малишева според информациите, бил дел од ОВК, каде командувал со 113 бригада и бил вклучен во обиди за создавање паравоени структури за Илирида. Малишева бил инволвиран во недозволена трговија со дрога и оружје, организирање криминал и еден од осомничените за нападот во Гошинце.
Оружената престрелка во Диво Насеље помеѓу терористичката група и полицијата се случи на 9 и 10 мај 2015 година. Во неа загинаа осум припадници на полицијата, а 37 беа ранети.
Како што тогаш информираше МВР, криминално-терористичката група броела четириесетина членови. Во борбите со полицијата биле убиени 10 членови на групата, а се предале 28. Командант Малишева бил еден од водачите на терористичката група.