Групацијата на руски пекарски компании ги информирала малопродажните синџири низ земјата дека од август ќе ги зголемат цените на лебот за седум до 12 проценти поради повисоките трошоци за производство и ограничениот ефект од државната помош, јави денеска весникот „Комерсант“.

Русија е еден од најголемите извозници на пченица во светот, а во втората половина на 2020 година го ограничи извозот на жито и воведе контрола над растот на цените на сончогледовото масло и шеќер со цел да се запре силниот раст на цените на храната.

Двата прехранбени производи не поскапеа за потрошувачите, но поскапеа за производителите на леб, изјавија извори од секторот за „Комерсант“, додавајќи дека поскапеле и маргаринот, амбалажата и транспортот.

Руското Министерство за земјоделство денеска соопшти дека не гледа причина за значително зголемување на цената на лебот бидејќи пченицата во Русија гдинава поевтинила за 7,2 проценти.

Од почетокот на годината цените на пченичниот леб се зголемени за 4,6 проценти, додаваат од министерството. Оттаму посочуваат дека производителите на леб добиваат државни субвенции од две рубљи или 2,7 центи за килограм за да не ги зголемуваат цените во 2021 година.

Пекарски компании, пак, за „Комерсант“ тврдат дека субвенциите покриваат само дел од нивните растечки трошоци, додавајќи дека некои од нив повеќе нема да ги бараат.