Короната предизвикува страв и анксиозност, од двајца до четворица граѓани се јавуваат секојднево на телефонската линија за психолошко советување во општината Кавадарци, од кои повеќето се од женски пол, вели за МИА психологот Анастасија Танева.

-Појавата на новиот вирус Ковид – 19 и прогласувањето на пандемија, како и вондредни состојби во нашата земја, секако предизвикаа загриженост кај сите нас. Многумина во овој период се вознемирени и исплашени, додека пак оние што се директно погодени на различни начини од вирусот, може да бидат во голема паника, страв и грижа, во најлош случај, кобно по нивниот живот или животот на нивен близок, што пак ја носи темата страв од загуба и процесот на обжалување, вели Танева.

Додава дека за таа цел, психолошкото советувалиште во Кавадарци, основано од  EAPTI Гешталт Институт-Скопје, а во рамките на Црвен Крст Кавадарци, ги отвори своите телефонски линии за пружање психолошка прва помош и психосоцијална помош, како и сет од бесплатни психотераписки средби, за да им се помогне на луѓето на кои во овој период им е потребна ваков вид поддршка.

Советувалиштето го претставуваат дипломираните психолози и Гешталт психотерапевти под супервизија при Гешталт Институт во Скопје, Анастасија Танева и Радица Вареловска.

Танева потсети дека Црвен крст на Република Северна Македонија,  – Општинска организација Кавадарци, уште од 17 март 2020 година, ги стави на располагање телефонските линии на психолошкото советувалиште секој ден, за психосоцијална  поддршка на граѓаните од општините Кавадарци и Росоман.

-Исто така, Црвен Крст на Република Северна Македонија има изработена цела Ковид- 19 програма за прва психолошка помош и психосоцијална поддршка, како и поддршка на ранливото население на терен во услови на пандемија. Во текот на целата ситуација во државата со Ковид-19,  нуди обуки на стручни лица од областа на психологијата, педагогијата и социјалната работа, со цел зголемување на капацитетите на сите организации на ниво на држава, за нудење помош на населението и справување со моменталната ситуација, со акцент на менталното здравје на граѓаните, нагласи Танева.

Таа додаде дека на овие телефонски линии за град Кавадарци, во моментов работат четири лица. Покрај неа и Вареловска како дипломирани психолози, тука се и Трајанка Митрева и Викторија Орешков, дипломирани социјални работници.

-На телефонските лини секојдневно добиваме повици. Во просек се јавуваат од двајца до четворица граѓани од општина Кавадарци, од кои повеќето се од женски пол. Најчеста категорија граѓани кои бараат каква било помош или поддршка од наша страна се повозрасните лица, во однос на добивање соодветни информации за ситуацијата, начини на заштита, добавување лекови, како и други намирници, како и социјално ранливата категорија граѓани која бара донација на хигиенски средства и храна, а тимот на волонтери го реализира тоа на терен, вели Танева.

Таа потенцира дека има одредена група млади граѓани, особено на средношколска возраст, најчесто девојки, кои се јавуваат на телефонските линии за добивање психолошка поддршка поради зголемена анксиозност и одредени стравови, како и панични напади кои индиректно се поврзани со Ковид -19 и мерките кои се носат во државата во време на пандемија, а дел од нив продолжуваат да ги користат услугите на психолошкото советувалиште, кои се бесплатни во време на Ковид- 19.

Вареловска нагласи дека психолошкото  советувалиште има цел да им помогне на луѓето, особено во овој период на зголемена неизвесност, страв и грижа за нашето здравје.

-Горда сум што сум дел од тимот кој им помага на нашите граѓани и ова искуство ме прави подобар човек и професионалец во мојата област. Ги повикувам сите кои имаат потреба да нѐ контактираат бидејќи сме тука за нив, рече Вареловска.

Покрај оваа програма за прва психолошка помош и психосоцијална помош во време на Ковид- 19, Црвен Крст на Република Северна Македонија има и дополнителни проекти.

-Теренски  активности за одговор на Ковид-19 и дистрибуции на хуманитарна помош,  кои овозможуваат снабдување на ранливото население на терен со пакети храна и хигиенски средства, како и следење на состојбата на лицата со посебни образовни потреби и нивните семејства, во однос на ситуацијата и лоцирање на нивните потреби. Значи телефонските линии се тесно испреплетени и со останатите програми кои Организацијата на Црвен Крст Кавадарци ги нуди за време на Ковид-19, вели Митрева, дел од тимот за помош и поддршка  на телефонските линии и поддршка на населението на терен во време на Ковид- 19.

Тоа не е се, како што додаваат се одржуваат обуки за обучувачи/тренери по Прва психолошка помош  и психо-социјална поддршка, како и ППП и ПСП за провајдери преку телефонски линии.

-Овие обуки придонесуваат во зајакнувањето на капацитетите (вештини и знаења) за базично пружање на ППП и ПСП. Исто така, на овие обуки се разменуваат искуства и добри практики на терен. Во овие обуки вклучени се и супервизиски сесии од областа на менталното здравје, за јакнење на капацитетите и воспоставување процедури за работа во давање на ППП и ПСП како одговор на различни управувања со кризни ситуации. Откако ќе завршат супервизиските сесии,  се стекнуваме со сертификат  за успешно завршена обука за обучувачи по ППП и ПСП како и ППП и ПСП за телефонски линии, рече Орешков, како дел од тимот.

Соговорничките на МИА нагласија дека лицата кои имаат потреба од овој вид услуга можат да се јават на  телефонските  линии кои се достапни на Фејсбук страната на Црвен Крст Кавадарци, како и на страната на Психолошко советувалиште Кавадарци, каде можат да добијат соодветна помош и поддршка.

-Грижата за здравјето воопшто, со акцент на менталното здравје,  е многу важно  да ја негуваме во овој период, со цел соодветно справување со кризата, анксиозноста и стравот, како и справување со последиците кои ќе произлезат од сето ова понатаму, додадоа тие.

Светлана Дарудова за МИА