Трета сезона по ред кошаркарките на Вардар и на Бадел 1862 ќе си ги одмерат силите во финалето од плејофот.

Ќе се игра во систем – подобар од пет натпревара (три победи), а двата тима почнуваат од 0-0.

Вардарки ќе имаат предност првиот натпревар да го одиграат на домашен терен поради подобриот скор (кош-разлика) во меѓусебните дуели во регуларниот тек на сезоната.

Тренерот на Бадел 1862, Анета Глигорова очекува шампионат да биде решен порано од можните максимални пет средби.

– Сигурно е едно, дека нема да се предадеме лесно. Настрана сите повреди со кои се соочувавме во тековната сезона, сметам дека ќе бидеме и повеќе од достоен ривал за нашиот противник. Ќе мораме да ги покриеме сите позиции и да играме поагресивно. Имаме пет шанси за одбрана на титулата иако се надевам дека многу побрзо ќе ја решиме, изјави Глигорова.

Жаклина Стојановска, тренерот на Вардар најави максимална борбеност на нејзините избранички.

– Овој пат притисокот не е толкав каков што беше на Купот бидејќи сепак имаме неколку шанси, да кажам некаков вид на поправен испит. Ќе се обидеме да дадеме максимум од ростерот со кој располагаме, па ќе видиме што ќе се случува.

Првиот натпревар ќе се одигра денеска, во малата сала на „Кале“ со почеток во 18:30 часот.