Пораки за обединување вечерва од Крушево на стартот на манифестацијата научни културни средби „Десет дена Крушевска Република”, со што официјално почнаа чествувањата на празникот Илинден. Премиерот Ковачевски во обраќање до јавноста, прифаќањето на францускиот предлог го спореди со идејата за формирањето на Крушевската Република. Вели, делат исти вредности за обединување со тогашните.

Според него, илинденските идеи, денес ја градат Македонија.

„Оттука има само напред. Не постои сила што може да застане на патот на европскиот напредок на нашата држава“, рече премиерот.

Ковaчевски додаде дека ако некој кочи прогресивни идеи, тогаш неговите интереси не се во интерес на државата.

„Имаме обврска да јуришаме кон европската иднина“, изјави Ковачевски.

Според него, сега водиме битка за сегашноста и иднината.

-Немаме предрасуди кон било кого. Со овој пристап продолжуваме да се развиваме. Како Македонци со македонски јазик ни е отворен простор на европската маса. Нашето минато тече во нашите вени и никој не може да го одземе и да сака. Илинденците и Асномците со оружје јуришале кон иднината. Тоа е сегашноста која ја живееме ние денес – слободна и независна македонска држава. Сакам да порачам: водството е идеја, тоа не е човек. Да сработиме напорно сите и да ја осигураме европската иднина. Тоа е идејата зад која треба сега да застанеме. Тоа зависи од нас и мораме да го направиме. Оваа битка пред е нас е битка за сегашноста и иднината и ви ветувам заедно ќе ја добиеме. Илинден е и ќе биде нашата сила за европска иднина. Борбата мора да продолжи затоа што слободата се чува,а иднината се освојува, потенцира премиерот пред присутните во Крушево.