Освен партиската „пешадија“ која треба да плеска со рацете и над 1.000 полицајци  ќе го чуваат премиерот Димитар Ковачевски од „душманите“ на годинашнава прослава на Илинден во Крушево.

Таму ќе го придружуваат вицепремиерите Артан Груби и Славица Грковска и министрите Оливер Спасовски и Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Прославата ќе ја отвори Ковачевски во 11:30 часот, Но, веројатно стравувајќи од гневот на народот, кој со недели протестираше против францускиот предлог и кој може да го дочека премиерот со извици, пцовки и свирежи, за чување на владината делегација биле ангажирани дури 1.500 полициски службеници од различни единици, неофицијално дознава ТВ Алфа.

Во истовреме, додека народот самоиницијативно ќе се собере на Мечкин камен, СДСМ, со пораки го кани своето членство на прославата, пишувајќи им дека е обезбеден бесплатен превоз. Во една таква покана, општинската организација на СДСМ во Центар ги повикува своите членови, „кои сакаат да присуствуваат на настанот“ на збирно место за тргнување:

„Почитувани, ве известуваме дека на 2-ри Август,по повод престојниот празник ќе се оди организирано со бесплатен превоз во Крушево, сите кои сакаат да присуствуваат на настанот. Тргнувањето е во 06:00 на 02.08.2022 збирно место цветен пазар во Капиштец. Со почит, ОО СДСМ Центар“.

Но, како што објавивме, дел од членовите на СДСМ откажуваат послушност, и се незадоволни од „третманот“ на нивната партија, па коментираат по социјалните мрежи.

ТВ Алфа пишува дека е се поизвесно оти утре во Крушево, Македонците и граѓаните ќе бидат поделени на две групи. На една, тие што ќе му аплаудираат на Ковачевски, од друга страна обичниот народ.

Прославата за Илинден во Крушево почна вечерва со оддавање почит на борците од Крушевската Република и останатите борци за независна Македонија.