Владата континуирано ја следи состојбата и навремено носи пакет мерки за ценовна стабилност на домашниот пазар, порача претседателот на Владата Димитар Ковачевски, во одговор на пратеничко прашање на денешната собраниска седница.
– Со новата мерка „гарантирана цена“ која што сите ја поздравуваат и сите можат да се уверат во неа и во сите маркети, за над 50 производи во 24 категории на производи од пекарската, млечната, месната индустрија цената ја намаливме за 10% во однос на цената што тие производи ја имаа на 1 август. Тоа е реално намалување на ценовната инфлација. Со оваа одлука и мерка кај одредени производи веќе има намалување на производите над 10% додека кај некои е од 30 до 40%. Тоа исто така е видливо во маркетите. Оваа мерка ја дополнивме и со листа на гарантирана цена во која влегуваат и безалкохолните пијалоци, газирани пијалоци, негазирана вода и други пијалаци. Но, донесовме уште една позначајна мерка а тоа е нова одлука за намалување на маржите кај овошјето и зеленчукот. Со новата одлука овозможивме прво 10% намалување, најмалку 10% на цените кај пијалоците, а додека кај овошјето и зеленчукот цените се намалуваат во износи до 30%. Тоа е исто така видливо во маркетите. Гарантираната цена за сите овие прозиводи важи до 30 ноември оваа година и нормално согласно движењата таа ќе биде повторно пресликана и ако е потребно и продолжена, посочи премиерот Ковачевски.
При тоа, премиерот Ковачевски, појасни дека овие мерки се дополнуваат со нови кои се однесуваат на намалување на увозните давачки на одредено овошје и зеленчук, како и укинување на царинските давачки за дел од млечните производи.
– Овие мерки имаат и економски и социјален карактер, бидејќи од една страна производството кое што државата силно го субвенционира, голем дел од големопродавачите го продаваат на извозните пазари, а кај нас заради царински стапки кои постојат уште од времето на Југославија во износ од 65% за увоз на земјоделските производи се продаваат поскапи производи. И ова се се одлуки кои ги ревидираат и царинските стапки и извозните квоти и со тоа имаме веќе намалување на цените. И на храната воопшто. Тоа е факт, рече премиерот Ковачевски.
Во одговорот на пратеничкото прашање, премиерот Ковачевски посочи дека со овие, но и со останатите мерки, очекуваме дека до крајот на годината ќе имаме стабилизација на инфлацијата, што се покажа и со зголемувањето на платите во јули годинава, кога беше надминато зголемувањето на инфлацијата.
-Минималната плата која беше 8.000 денари до 2016 година, а во некои сектори и помала, во чевларската индустрија дури и по 7.000 денари, денес е 20.750 денари што е зголемување повеќе од двојно. А просечната плата од 22.000 денари денес е 37.000 денари. Што се однесува до платите во одредени сектори, платите во одредени сектори се зголемени до 40%, како што е кај докторите специјалисти, 20% кај другите лекари, во образованието минатата година се зголеми за 15% во средно и основно, и оваа година се зголеми за 15%. А со оптшиот колективен договр следува зголемување на платите на целиот јавен сектор за 10% и исплата на К-15 од 10.000 денари на секој вработен во јавниот сектор до крајот на годината. Тоа се бројки кои не се за занемарување, потенцираше Ковачевски.
При тоа премиерот Ковачевски, посочи дека просечната пензија е зголемена за 40% во однос на она што беше во 2016 година, воведени се во пензискиот систем оние кои не ги исполнуваа условите за пензија и добиваат социјална пензија, а врз основа на новата методологијата имаме 25% зголемување на пензии во само една календарска година и следува ново зголемување на пензиите, соопштуваат од Владата.