Драган КОВАЧКИ

Додека се’ уште имавме време, постоеше опција за воведување кризна состојба на цела територија на Македонија. Сепак, носителите на одлуки имаа други размисли и во прогласувањето на вонредна состојба видоа други можности кои за жал на нацијата ќе не чинат сите, и тоа скапо. Но за тоа потоа, не е време меѓусебно да се обвинуваме за козметика на семантиката, иако станува збор за суштината на решението.

Сакам да предупредам дека инертноста по однос на непреземањето на мерки во Куманово може да ни се одбие од глава. Нејасна ли е идентичноста на состојбата во Куманово од онаа во Дебар каде што имаме воспоставено карантински услови веќе 3 недели? Во тој контекст и градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски јавно апелираше пред 10 дена и бараше посебни услови за влез/излез од градот, но за таква работа сеуште немаме одлука.

Мерки изостануваат и во главниот град каде што имаме најмногу заразени, па така на пример мерките се исти како и во Делчево, Берово, Пехчево, или Македонска Каменица каде засега нема ниеден потврден случај. Свесен сум дека многу луѓе катадневно гравитираат кон главниот град и можеби затоа власта тактизира, но тој лотариски пристап и играње на карта на среќа нема да ни донесе бенефит.

Имаме ли ние храбри и мудри луѓе да превземат соодветни чекори и кои ќе престанат да се кријат позади наместени прес конференции со нарачани прашања и смирувачки одговори дека состојбата е под контрола? На Македонија и’ треба сериозно дејство и акција, а не перцептивни манипулации како онаа со таканаречениот делумен “полициски час”. Се прашувам што треба да се случи за состојбата да ја сфатиме сериозно и дали од дрвото пред носот не можеме да ја видиме шумата.

Не сакам да плашам никого, само сакам да предупредам дека од војнички аспект изгубеното време се плаќа со човечки животи.