Вкупно 806 пациенти позитивни и сомнителни на коронавирусот се лекуваат во болниците низ целата земја – 340 во Скопје и 466 во болниците во другите градови. Има околу 864 празни болнички кревети, соопшти Министерството за здравство.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 54 пациенти, во Штип 51, Тетово – 11,  Велес –  59, во Куманово има 57 пациенти, Охрид – 55, Прилеп – 40,  Гостивар има 15 во болница, Струга – 14.

Во болницата во Струмица хоспитализирани се 50 пациенти, во Кочани 20, Кичево – 10, Кавадарци – 24, а во Гевгелија се лекуваат шест пациенти.

Во главниот град се  хоспитализирани 340, а 22 се нови пациенти примени во изминатите 24 часа. На Интерните и хируршки клиники имало седум приеми, во ГОБ „8 Септември“ 13 примени пациенти и двајца билe примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле и на Институтот за физикална медицина немало примени болни, a на Клиниката за детски болести имало еден прием. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 67 оздравени пациенти.

Во  ковид-центрите на Интерните и на хируршките клиники се лекува 112 пациент, во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 118 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 95 пациенти, додека на Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има седум пациенти.

На Клиниката за детски болести има едно дете позитивно на Ковид-19 а на Гинекологија нема позитивни пациентки. На Институтот за физикална медицина и  рехабилитација има седум болни.

Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка. Министерството за здравство соопшти дека бројот на приеми во изминативе денови се намалува  и утрово до 8 часот имало 330 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.

Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка.