Франција и Обединетото кралство најавија зголемување на присуството на силите на редот, како и распоредување на нови технологии за надзор и инвестиции во опрема, за следење на границите, јави дописникот на МИА.

Зајакнување на полициското присуство долж францускиот брег, распоредување на технологии за надзор, ветување за финансиски инвестиции од Британците: Франција и Велика Британија во постигнаа согласност за неколку мерки за подобра борба против илегалната имиграција.

Мерките се најавени во моментот кога најмалку 430 мигранти го преминале каналот Ла Манш во понеделникот за да стигнат до Велика Британија, според британскиот министер за внатрешни работи, нов рекорд за еден ден. Покрај тоа, британските пратеници оваа недела го испитуваат нацрт-законот за заострување на нивниот систем за азил.

Британските и француските министри за внатрешни работи Прити Пател и Жералд Дарманан се состанаа вчера вечер на видеоконференција. Според заедничката декларација, тие „одобрија зајакнување на нивната заедничка акција и нивна соработка за борба против илегалната имиграција на нивната заедничка граница, со насочување на своите напори кон феноменот на морските премини користејќи импровизирани бродови“.

Тие одлучија „да го зајакнат присуството на полицијата долж француските брегови, со тоа што ќе обезбедат двојно зголемување на бројот на полицајци и жандарми распоредени на самото место“. Тие исто така планираат да „распоредат технологии и надзорни возила со цел дополнително да го подобрат опфатот на француските брегови и на тој начин да спречат обиди за преминување, особено преку развој на воздушен надзор“.

Во декларацијата се споменуваат и „инвестиции во опрема за зајакнување на безбедноста на границата на ниво на главните транспортни инфраструктури долж бреговите на Каналот Ла Манш“, за борба против илегалната имиграција по пат. „Велика Британија се обврза на финансиска инвестиција од 62,7 милиони евра во периодот 2021-22 година за поддршка на Франција“ и развој на средства за борба против илегалната имиграција, се наведува во оваа заедничка декларација. Во овој текст се споменува воспоставување, „долгорочно“, на „паметна граница“ долж крајбрежјето, со технологија за надзор „за подобро откривање на обидите за премин“.

Велика Британија и Франција „ја поддржуваат идејата за договор за реадмисија меѓу Велика Британија и ЕУ, што ќе има заеднички придобивки во однос на спречување на илегална миграција, заштита на ранливите луѓе и борба против криминалните организации“. „Соочена со невидени миграциски текови на јужните граници“, Франција „ја подвлекува својата цврста заложба за подобрување на контролата врз сите свои граници“.

Британските пратеници оваа недела дискутираат за нацрт-законот за реформа на азил. Тој планира да ја зголеми на четири години, од шест месеци во моментов, затворската казна изречена за мигранти кои сакаат да влезат во земјата илегално и да донесе доживотен затвор – од 14 години затвор во моментов – максималната казна за шверцерите.