Универзитетот на Македонија во Солун го одби барањето на Виножито, партијата на Македонците во Грција во рамките на овој универзитет да се воведе и македонскиот јазик.

Како што пишува весникот Илинден од Тирана, во писмото до вториот најголем универзитет во Солун, Виножито која ги застапува интересите на етничките Македонци во Грција, бара настава на македонски јазик на Одделот за балкански, словенски и ориентални студии.

Но, ректорот Стелиос Катранидис го одбил барањето, сметајќи дека е „апсолутно неетичко да и се излегува во пресрет на една политичка партија“.

– Луѓето што го напишале писмото не разбираат како функционираат универзитетите. Ние не прифаќаме барања од клубови, партии, агенции за наши образовни програми. Ние наставната програма ја формираме врз основа на научни податоци и академски приоритети. Ние не реагираме на писмото, сметаме дека потегот е неетички, а Министерството за образование и наука предложи да воведеме специфични лекции во учењето на нашите студенти. Барање на партија до универзитет го сметаме за неетичко, вели ректорот Катранидис.

Тој додава дека претставниците на Виножито се обиделе да влијаат преку икуменскиот патријарх за јазикот да биде „протнат“ во наставата како „црковен македонски јазик за македонско малцинство“, доколку има отпор од страна на универзитетот.