Извештај со докази за можниот сопственик на дивоградбата пред ТЦ Мавровка во центарот на Скопје испратиле од МВР до Основното јавно обвинителство.

Како што објави ТВ Сител, во документот од истрагата на МВР биле наведени преземените активности кои упатувале на сомнеж за можниот сторител на кривичното дело „бесправно градење“.

– Поднесено е известување со сите досега преземени мерки и активности кои упатуваат на постоење на основи на сомнение за можниот сторител на кривичното дело Бесправно градење од член 244-а од Кривичниот законик, се наведува во известувањето од СВР Скопје.

Според наведениот член од Кривичниот законик, предвидени се затворски казни до 8 години за тој што без дозвола гради на сопствено или туѓо земјиште, но иста казна е предвидена и за вработените во општините кои ќе дадат градежна дозвола без запазување на условите за градба.

Откако Општина Чаир не пронајде фирма за уривање на дивоградбата, распиша нов оглас за избор на фирма за уривање на дивоградбата.

Апсурдно е полицијата и хиерархиски сите до централната власт да не можат да откријат кој им гради дивоградба во центарот на главниот град на државата. Како граѓаните ќе имаат доверба во ефектни истраги за криминал малку подалеку од центарот, а да не зборуваме за периферијата, ако не може да се открие тој што гради такаречи пред „носот на властите“?!

За тие што немаат точна претстава за локацијата: Дивоградбата се наоѓа на неколку стотини метри од Владата и околу еден километар воздушна линија до МВР и кабинетот на министерот и полицијата, исто толку до кабинетот на градоначалникот и седиштето на Град Скопје, уште поблиску се обвинителствата итн.