Францускиот претседател уште еднаш повтори дека е против отворање пристапни преговори пред реформите на преговарачкиот процес.

Како што објасни Макрон, тоа се однесува на која било земја кандидат, пред да дојде до реформите на преговарачкиот процес, а според него, сегашната процедура на преговори е бирократска и нејасна.

– Сметам дека процедурата за преговори која ја имаме денес е премногу бирократска, конфузна, нејасна. Еве, прашајте ги Србите дали им се промени животот со отворањето на новите поглавја? Не би рекол, изјави Макрон по завршувањето на самитот на НАТО во Лондон.

Тој нагласи дека Франција не била единствената членка на ЕУ која се противела на отворањето на пристапните преговори со Скопје и Тирана, но дека е подготвен повторно да ја прифати улогата на негативец.

– Пред кое било следно отворање на преговори, експлицитно кажувам дека сакам да дојде до реформа на нашата процедура на преговарање, порача Макрон.

Тој оцени дека Европа не е подготвена и дека условите не се исполнети за почеток на пристапни преговори со новите кандидати. Макрон се заложи за редефинирање на процедурата за преговори на начин на кој процесот би станал, како што рече, повеќе стратешки.

Го повтори своето барање за реформата која процесот би го направила пореверзибилен и ќе овозможи диференцијација.

– Крајната цел на сето тоа е да го зацврстиме Западен Балкан на европската страна. Знаеме дека тоа е геополитички предизвик, да се избегне интервенцијата на другите земји, да се избегне дестабилизација кои се ризик и за тие земји и за Европа. Тоа за некои можеби значи пристапување кон ЕУ, но треба да биде јасно дека тоа значи и фаза на стратешко партнерство и посилни инвестирања, објасни Макрон.