Францускиот претседател Емануел Макрон повика на враќање на стабилноста на Блискиот Исток што е можно побрзо, откако еден ден претходно неговиот американски колега Доналд Трамп изјави дека има „цело време на светот“ за да преговара за мир со Иран.

„Мислам дека сите имаме интерес стабилноста да се врати што е можно побрзо и светските економии да се смират“, рече Макрон пред состанокот на европските лидери на Кипар, на кој беа поканети неколку шефови на држави од Блискиот Исток.

Европските лидери сакаат да сторат повеќе за деескалација на тензиите на Блискиот Исток, нагласија тие денеска на Кипар, пред работниот ручек со претседателите на Либан, Египет, Сирија и престолонаследникот на Јордан.

„Европа мора да направи повеќе. Овој ручек ќе биде можност за координација со Сирија, Јордан и други земји. Тие се погодени од ситуацијата во регионот“, рече Макрон во Никозија.

Францускиот претседател ја повтори потребата од стабилност во Либан. Франција е подготвена да организира конференција во поддршка на либанските вооружени сили кога Бејрут ќе смета дека е соодветно, додаде тој.

Европа мора да направи „многу повеќе“ на Блискиот Исток, изјави кипарскиот претседател Никос Христодулидес.

Полскиот премиер Доналд Туск денеска го поздрави отсуството на неговиот унгарски колега Виктор Орбан од самитот на ЕУ во Кипар, откако Унгарија беше обвинета за протекување доверливи информации до Москва.

„За прв пат по години, немаше Руси во просторијата, ако ме разбирате“, рече тој по пристигнувањето утрово на неформалниот состанок на шефовите на држави и влади на ЕУ во Никозија.

Откако ги загуби парламентарните избори на 12 април, унгарскиот премиер Орбан, најблискиот сојузник на Москва во ЕУ, одлучи да не присуствува на состанокот.

Кон крајот на март, неговата земја беше обвинета од неколку медиуми, вклучувајќи го и „Вашингтон пост“, дека ја информира Русија речиси во реално време за дискусиите меѓу 27-те земји-членки.

Тогаш, Туск рече дека оваа информација „не треба никого да изненади“. „Долго време се сомневаме во ова“, рече тој, додавајќи дека ова е „една од причините зошто зборувам само кога е строго неопходно и кажувам само она што е строго неопходно“.

Туск денес го забележа и олеснувањето што го чувствуваат повеќето негови колеги по поразот на Орбан на изборите. Унгарскиот националистички лидер долго време си играше со нервите на европските лидери, блокирајќи голем број одлуки во корист на Украина или со постојано посетување на Москва за да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.

Со месеци, Унгарија на Виктор Орбан блокираше заем од 90 милијарди евра за Украина пред вчера да се откаже од ветото. ЕУ, исто така, успеа да донесе нови санкции против Русија, а Будимпешта исто така се откажа од ветото во овој случај.