Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер рекол дека Италијанците треба повеќе да работат и да бидат помалку корумпирани, и да престанат да ја обвинуваат ЕУ за проблемите на сиромашниот југ на својата земја.

Овие контроверзни коментари го привлекоа вниманието на претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани, кој е Италијанец. Тој побара Јункер да го демантира кажаното и преку „Твитер“ го предупреди дека таквите зборови се неприфатливи доколку се вистински.

Јункер одговараше на прашања на конференцијата во Брисел за иднината на Европа.

Кога бил запрашан што би можела Европа да стори за да им помогне на младите во регионите каков што е југот на Италија, Јункер одговорил дека е „длабоко заљубен“ во таа земја, но дека не може да прифати оти се што не чини во тој регион е резултат на недоволниот ангажман на ЕУ или Европскатакомисија.

– Италијанците треба да водат сметка за сиромашните региони во Италија. Тоа значи повеќе работа, помалку корупција, како што пренесе АФП, рекол Јункер.

Тој ја повикал Италија да „не игра игри“ со повикување на ЕУ на одговорност и додал дека државите се на прво место, а Европа е на второ.

Лидерот на италијанската ултрадесничарска Лига, Матео Салвини, чија партија синоќа формира Влада со движењето Пет ѕвезди, ги осуди овие коментари како „срамни и расистички“, пренесоа италијанските медиуми.

Портпаролот на ЕК подоцна изјави дека Јункеровите зборови биле „извлечени од контекст“.