Противник на шпанскиот тенисер Рафаел Надал во финалето на Австралија опен ќе биде Русинот Данил Медведев, откако првиот носител на грен – слем турнирот во Мелбурн триумфираше во денешното второ полуфинале, совладувајќи го Гркот Стефанос Циципас со 7:6 (7;5), 4:6, 6:4, 6:1.

Дуелот траеше два часа и 33 минути, а рускиот тенисер го повтори успехот од минатата сезона кога играше во финалето во Мелбурн против Србинот Новак Ѓоковиќ, додека Циципас трет пат е запрен во полуфиналето.

Противник на Медведев во неделното финале ќе биде Надал, кој претходно денеска триумфираше над Матео Беретини од Италија со 3:1 во сетови.

Медведев во финалето ќе се обиде да дојде до својот прв триумф во Мелбурн, а вкупно втора грен – слем титула во кариерата, како и до првото место на АТП листата, додека Надал ќе се бори за својата втора титула на Австралија опен и рекорден 21. грен – слем трофеј.