Министерот за здравство, Фатмир Меџити, тврди дека додека не се расчисти целиот случај, нема да биде исплатен ниту денар за трите модуларни амбуланти во склоп на Здравствениот дом Скопје, а доколку има вакво нешто, како што вели, ќе си поднесе оставка.

Не е исплатен ниту денар. Доколку за овие три амбуланти е исплатен само денар, јас како министер за здравство ќе си поднесам оставка сега. Не е платено, ниту ќе се плати во иднина додека не се расчисти целиот случај, изјави Меџити на брифинг со новинарите.

Модуларните амбуланти во Бутел, Лисиче и Ѓорче Петров станаа актуелни по објавата на истражувачката сторија на ИРЛ за модуларната болница во Тетово. За овие три амбуланти, засега останува отворено прашањето дали Владата ќе и го исплати долгот на компанијата „Брако“.

Како што порача Меџити, со оние кои што пласираат дезинформации во медиумите ќе го решава проблемот по правен пат.

Целта ми беше да не го оштетиме буџетот на Министерството за здравство. Со непостапување, каматите за три модуларни амбуланти се над 250 илјади евра. Ова значи дека се намалува буџетот на Министерството за лекување на пациентите. Затоа баравме од надлежните институции да имаме информација. Се што не е во ред, имаме поднесено пријави, рече Меџити.

Како што посочи, модуларните амбуланти во рамки на Здравствниот дом Скопје се безбедни и за медицинскиот и за немедицинскиот персонал.

Работата во нив продолжува. Овие амбуланти не се оние поставени за време на Ковид-19, подвлече Меџити.

На новинарско прашање зошто екипа на Брза помош не постапила професионално и пиела кафе додека, како што беше посочено, пациент со кислородна маска бил во возилото, Меџити изјави дека доколку се потврди информацијата како точна, тогаш ќе следуваат најригорозни казни за сторителите.