Дел од пациентите ќе имаат можност да закажат термин кај матичен лекар по електронски пат. Ова е една од реформите во примарното здравство која ја најави министерот Фатмир Меџити. Системот на примарната здравствена заштита ќе се трансформира во насока на модернизација и поедноставување на услугата за сите пациенти, а тоа ќе се постигне со зајакнување на улогата на лекарите од примарната здравствена заштита, како и намалување на административните процедури за препишување хронична терапија, рече Меџити.

„На одреден пациент кој треба да патува од Крива Паланка, од Ресен или од Струга, кој треба да се разбуди во 5 часот наутро, да патува со автомобил или автобус, пропушта работен ден, кој има постар родител и да доаѓа за да му се препише терапија која се дава само во терциерното здравство, односно во клиничкиот центар, отсега ќе ја препишуваат матичните лекари. Ова е една од големите промени што ќе се случат во примарната здравствена заштита“, вели Фатмир Меџити.

Покрај закажувањето во електронска форма, новина за матичните лекари е и тоа што со реформите ќе можат да препишуваат лекови кои претходно ги препишувале само лекари специјалисти, како и ќе можат да издаваат одредени упати за лаборатории за следење на пациенти со висок крвен притисок и дијабетес, со хронична опструктивна белодробна болест, астма и проблеми со тироидната жлезда, вели доктор Злате Мехмедовиќ, координатор за реформи во примарната здравствена заштита.

Министерот за здравство рече дека оваа недела е посветена на промоција на новостите во примарниот здравствен систем, со поддршка на СЗО се испечатени информативни брошури, завршена е едукацијата за 700 матични лекари за новите правила за пишување лекови, а во продолжение се планирани посети на повеќе здравствени домови во земјава, за одблиску запознавање на пациентите и лекарите со овие иновации.