Македонија ќе добие Клиника за интензивна нега по светски стандарди и роботика со која ќе бидеме лидери на Балканот, најави во „За македонските работи“ директорот на Клиниката за ТОАРИЛУЦ, трауматолог и спинален хирург д-р Игор Мерџаноски.

-Наскоро, оваа година, во рамки на Клиниката за ТОАРИЛУЦ ќе треба да ја пуштиме во употреба Клиниката за интензивно лекување и реанимација. Тоа е еден проект кој што мислам дека нашиот народ и оваа држава го заслужува. Тоа ќе биде проект што долги години се влече и еве дојдовме до финална фаза и се надевам дека до крајот на годината ќе биде пуштен и каде ќе можеме да дадеме интензивна нега која што ќе биде во европски и светски стандарди, посочи д-р Мерџаноски во емисијата на Љупчо Цветановски на ТВ Алфа.

-За кратко време треба да пристигнат и новите апарати кои што ќе бидат во таа интензивна нега, која што ќе биде со централен мониторинг и тоа мислам дека ќе биде на највисоко можно ниво направено. За следната година веќе имаме во план воведување на роботика, од типот на роботика за операции на рбетниот столб, таа иста роботика ќе ја надоградиме и за операции на колк и за роботски операции на колено. Ние имавме презентации од неколку фирми кои оваа година дојдоа кај нас и веќе следната година со Фондот за здравство, заедно со новиот директор Златко Перински имавме состанок каде што во кратки црти веќе почнуваме да бараме средства за овој тип на опрема со која што ние како Клиника и нашата земја ќе се издигне на мапата на користење на роботика најмногу за рбетниот столб затоа што ние како Клиника веќе 13-на години работиме со комплексни операции со болести на рбетниот столб и дел од колегите коишто доаѓаат од странство и пациенти се многу задоволни и мислам дека со овој тип на роботика и навигација коај што ќе биде донесена кај нас ќе бидеме лидери на Балканот за лечење на овој тип на болести, потенцира д-р Мерџаноски во 3-та епизода на „За македонските работи“, насловена како „Има ли помакедонска РАБОТА од спасување македонски животи?“.