Во време кога пред очи имаме трговија од страна на владата со националните и државни интереси, кога се склучува капитулантскиот договор на Зоран Заев со кој се брише името Македонија и се прават редица други отстапки на штета на државата, и во период кога Македонија останува без датум за преговори, економијата продолжува да тоне, рече во денешното видеообраќање лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски.
Тој додава дека катастрофата во националната политика е само еден дел, а во реалниот живот е уште полошо.
– Со раст од 0.1 % економијата на Република Македонија е најслаба во Европа, а најновиот податок за индустриското производство во мај од 1.1% покажува дека растот на индустријата е недоволен и далеку од потребното ниво. Тоа значи дека граѓаните продолжуваат да осиромашуваат, а економијата да е закована на дното. Производството во рударството е во слободен пад од минус 7.3 %, секторот Енергија забележува пад за 6.3 %, и нетрајните производи за широка потрошувачка за цели 6 % итн. И кога ќе сакаат да престават лажна разубавена слика која е далеку од реалноста ќе кажат дека во април индустриското производство пораснало за цели 1.5 %, но во исто време пропуштаат да кажат дека освен тоа што растот е незначително мал, тоа е и далеку зад европскиот просек, нагласи Мицковски.
Тој направи споредба со земјите од регионот и пошироко од Европа:
– Кога во Македонија имаме очајно индустриско производство кое бележи раст од скромни 1.5%, Словенија за месец април споредено со истиот месец лани има раст од 6.5 % или индустриското производство растело скоро за 4,5 пати повеќе од она во Македонија за истиот период. Романија пак забележува раст од 6 % што е за 4 пати повеќе од Македонија за истиот период, Полска раст од 5.9 %, Словачка раст од 4 %, Португалија и Финска раст од 3.8 отсто итн. Македонија на чело со Зоран Заев пропушта драгоцено време. Граѓаните добро знаат дека не живеат подобро, ниту пак работите ќе тргнат кон подобро. Сите алибија на оваа влада се веќе потрошени. Имаме ситуација каде владата го одзема достоинството на народот, во исто време кога создава сиромаштија и истата ја зголемува. Младите се најпогодени и затоа си заминуваат и ја напуштаат нашата држава и тоа мора да престане, додава лидерот на најголемата опозициска партија.
Моја особена грижа, вели Мицковски, ќе биде вниманието за потребата на оваа категорија на граѓани, затоа што тие заслужуваат подобро и тие заслужуваат повеќе, а ние тоа ќе го овозможиме.
– За почеток ќе овозможиме загарантирано вработување за 500 најдобри студенти секоја година. Наместо во странство тие својата иднина ќе ја градат тука меѓу своите најблиски во нашата татковина. Ќе понудиме и многу други проекти, следете не. Работите мора да се променат. Состојбата на порази кои оваа влада и Зоран Заев и ги носат на Македонија мора да престанат. Македонија заслужува подобро, истакна Мицковски.