Подготвени сме да седнеме и да разговараме за укинување на техничката влада, промената на изборниот модел во една единица и изборниот праг, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за емисијата „360 степени“ на телевизија Алсат, најавувајќи дека партијата ќе предложи и намалување на бројот на пратеници во Собранието од 120 на 90.
– Ако навистина дел од партиите во Парламентот се искрени би можело да го прифатат, а од друга страна мислам дека и граѓаните ќе го поздрават намалувањето на бројот на пратеници. Бидејќи можеби 120 пратеници е преголем број, да бидеме да речеме 90 и една изборна единица, истакна Мицкоски.
Според него, сегашниот систем со 120 пратеници е гломазен, со преголеми трошоци и преголема акумулираната моќ.
– Да го намалиме бројот на пратеници, ако може една европска Словенија да има 90, и тие се многу побогати, зошто една Македонија да го има тој луксуз да има 120 пратеници. Ајде да имаме 90 пратеници, укажа Мицкоски.
Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го подржи и предлогот на помалите политички партии за една изборна единица.
– Ние се залагавме за мнозински изборен модел, но немавме поддршка кај другите политички партии. Дали се исплашени, дали имаат некои други аргументи. Ние како политичари треба да сме креативни и да работиме за доброто на граѓаните и да нудиме решенија кои што ќе бидат за граѓаните. Е, сега ако некој вели дека една изборна единица е една изборна единица и дека мнозинството на граѓани сакаат една изборна единица ние рековме дека ние сме подготвени да разговараме, појасни Мицкоски.
Тој изјави дека мора да се почне да се размислува за предвремени избори зошто, како што рече, состојбата во државава не е добра. Според него, сега кога пред државата и пред граѓаните има многу предизвици, треба ВМРО-ДПМНЕ да покаже одговорност, одговорно да се однесува, државнички и затоа бараат предвремени избори.
– Јас сум апсолутно свесен дека тоа сега и веднаш не значи денес или утре да има предвремени парламентарни избори, но мораме да размислуваме за тоа затоа што состојбата во државата не е добра. Кога велам дека не е добра, тука пред се мислам на граѓаните кои што во огромно мнозинство на сите мерења на јавното мислење, би рекол двотретинско мнозинство, говорат дека државата се движи во погрешен правец, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека се уште останува на тезата оти премиерот Димитар Ковачевски нема легитимитет, дека нема напредок на ниту еден план и дека сите ветувања не се исполнети.
– Ние можеме да седиме на страна, да си работиме тоа што си работиме, да го критикуваме тоа што не чини, да имаме комотна позиција и да видиме како ќе се одвиваат работите. Јас сум силно убеден дека овој капацитет на луѓе, и персонален, но и програмски, не може да направи ништо подобро од, според мене, најслабата влада во изминатите 30 години, а тоа е претходната влада. додаде Мицкоски.
Тој најави и дека ВМРО-ДПМНЕ изјави дека сега е во фаза на внатрешно реорганизирање на партијата и в понеделник ќе има Централен комитет, кога ќе биде соопштен новиот состав на Извршниот комитет.
– Ќе има проширување, ќе има нови луѓе, но и стари или околу 28-29, ќе има четворица потпретседатели, а не како досега двајца. Откако ќе ги формираме телата на партијата ќе излеземе со јасен план, рече Мицкоски.