Како човек сум згрозен, со гадење од овој сексистички и неморален чин на Маричиќ, човекот се прослави со се, само не со тоа што треба да го работи, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при денешната посета на Гази Баба одговарајќи на новинарско прашање за вчерашниот скандал во Собранието и сексистичкото однесување на Маричиќ кон пратеничката Дафина Стојаноска.

– Вчудоневиден сум како овие на кои полна им е устата со Европа, не излегоа и не собраа сили да извинат за тоа што го стори Маричиќ, па и тој самиот. А од Ковачевски очекував барем оградување од ова што го направи Маричиќ, но за жал тоа не го добивме, рече Мицкоски.

Мицкоски потенцираше дека уште некое време политичката сцена ќе се дели со вакви политички маргиналци како Маричиќ, а по дебаклот кој ќе и се случи на власта на парламентарните и претседателски избори, ќе се ослободиме од ваквите маргиналци.