Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска изјави дека НАТО не треба да се шири кон Украина.
– Додека сум претседател, ќе бидам против проширување на НАТО каде било, рече Милановиќ пред новинарите во Пожега.
Изјавата на хрватскиот претседател, која е спротивна на политиката на отворени врати на Алијансата, доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Русија и западните земји околу Украина.
– Мислам дека тој што се залага за проширување на НАТО во Украина го загрозува хрватскиот интерес. Ние сме во НАТО, па утре некој може да испрати наши луѓе таму, објасни Милановиќ.
– Не е исто да се биде дел од борбена група во Унгарија, на езерото Балатон или хрватската армија на прва линија на фронт во исчекување напади. Зошто би ги испратиле нашите војници таму, рече претседателот Милановиќ.
– Гледаме како една сиромашна земја се уништува со подгревање паника. Украина повикува на смирување на тензиите, рече тој и додаде дека се работи за неколку десетици илјади руски војници недалеку од милионски градови.
– После ова тешко ќе се поверува во некои работи. Едноставно, на вакви работи се губи кредибилитетот ако се покаже дека не било се како што треба. Ние мислиме со своја глава, така и ќе биде. Никој ништо не ни дал, но ние нема да се одмаздуваме. Нам ни беше потешко отколку сега на Украина, а добивме ембарго. На Украина и се создава илузија дека можат да се одбранат од Русија, се поттикнува конфликт, а во исто време се зборува дека наши војници нема да има таму, рече Милановиќ.