Во просек годишно од албанското државјанство се откажуваат над 700 лица, кои главно живеат и работат во земји, како Германија, која не признава двојно државјанство.

-Пандемијата свое влијание имаше на овој план, за што потврдуваат податоците објавени од Институтот за статистика, ИНСТАТ, според кои од државјанството на матичната земја се откажале 513 лица што за 228 помалку споредено со претходната година, пренесува Ора њуз.

Според ИНСТАТ пад бележи и бројката на странците кои добиле албанско државјанство и тоа за 12,8 отсто споредено со 2019 година. Лани албански пасоши обезбедиле 423 лица, главно со албанско потекло, кои живеат во други земји, наспроти 741 претходната година.

Во август 2019 година Албанија донесе закон „За државјанство“, кој содржи неколку суштински измени, како што е членот 6 каде се предвидува „стекнувањето на државјанство врз основа на потекло“.

Со ова им се овозможи на Албанците кои живеат надвор од територијата на албанската држава, како во соседните земји и во дијаспората, да стекнат албанско државјанство, под услов да се докаже семејната врска во директна линија до трето колено на барателот со предците.

Албанско државјанство добиваат и заслужни спортисти, стопанственици и други независно од потеклото. Барање се доставува до министртвото за внатрешни работи а по законската постапка, го одобрува шефот на државата.