Блаже МИНЕВСКИ

Пред неколку дена, македонскиот премиер-узурпатор, без око да му трепне, за грчката телевизија „Алфа“ изјави дека Македонците  „ краделе историја со преземање и присвојување на светска, балканска и туѓа историја!“ Да го изјавеше ова кој било друг премиер во светот, денес ќе беше во најмала рака експресно сменет, ако не и јавно линчуван! Бидејќи во Македонија во мигот владее велепредавничка диктатура за ваквиот епилог веројатно ќе се почека уште извесно време, најдоцна до почетокот на мај следната година.

Дотогаш, во оваа прилика, би сакал да се задржам на две реакции – Божин Павловски и Владимир Милчин. Режисерот Милчин во својата реакција меѓудругото напиша дека е „вџашен од леснотијата со која демонстрирате скудно познавање на историјата и ги навредувате Македонците кои паметат или знаат колку и кои војски газеле овде и што оставиле зад себе“. Писателот Павловски во својата реакција очекува „за ова што си го изјавил пред грчкиот телевизиски аудиториум, во држава што поседува изградени политички критериуми, би морал да се засрамиш“, додавајќи дека неговото „површно гледање на работите може да го разори целиот образовен систем, кој и без тоа минува низ криза. Размислувај пред да отвориш уста!“  И токму тука, во последната реченица на академик Павловски чинам дека е клучот на одговорот зошто овој човек дава вакви изјави и дали тој воопшто може да размислува. А бидејќи не размислува пред да отвори уста, нема зошто човек да се вџашува од тоа што ќе го каже, затоа што од ваквите поединци не може да се очекува рационална изјава. Во овој случај, посебно во овој контекст, сепак треба да се разликува што е будалетинка (што не размислува) во приватно опкружување а што човек што не размислува, а е на важна, ако не е најважна позиција во државата. Будалетинка може да се биде приватно без ограничување но кога таквиот човек е на фукција, тој тогаш не е будалетинка туку велепредавник. Затоа никаква олеснителна околност за човекот што вџашува со тоа што не размислува – не смее да има. Кога ќе дојде денот ќе мора да одговара не само затоа што не размислувал туку и затоа што ги „навредувал Македонците“ со „површно гледање на работите“. Како и да е, Милчин и Павловски одреагираа на оваа невидена „леснотија на скудно познавање на историјата“, но каде се тука историчарите, освен чесните исклучоци како Наташа Котлар.

Каде е реакцијата на Институтот за историја, на Катедрата за историја при Филозофскиот факултет, на МАНУ (или не знам како се вика) и на другите релаватни институции, кои, според „оној што не размислува пред да отвори уста“ а самиот изјави дека тој е „човекот кој ќе остане запаметен дека под негово лидерство е сменето името на нашата земја“, мораа барем да бекнат пред да бидат заклани (како експерти, се разбира). Зошто историчарите од Институтот не ги однесат своите книги пред Кабинетот како „едикативен прилог“ или револт кон неговата изјава? Зошто историчарите кои се во некакви комисии со кои се менува се што е македонско, не поднесат неотповиклива оставка, зашто веќе нема потреба да се преговара од позиции на „украдена историја“? Што мислат во врска со ваквиот став на квази-премиерот двајцата претседатели на комисиите за преговори со Грција и Бугарија, Виктор Габер и Драги Ѓоргиев? Дали тие се согласуваат дека ја претставуваат страната што ја украла својата историја од „светската, балканската и туѓата историја“. Ако се согласуваат со својот „генијален лидер“ тогаш воопшто и не треба да преговараат туку само да потпишат и да застанат во редот што во мај следната година ќе стои таму каде што треба..

Во таа насока и МАНУ треба да се откаже од своите изданија „Историја на македонската нација“ од академик Блаже Ристовски, издадена од Академијата пред дваесет години или од „Археолошката карта на Македонија“, од „Средновековните градови и тврдини во Македонија“, или од „Едновековните корени на МАНУ: Свечен собир по повод стогодишнината од основањето на Македонското научно-литературно другарство во С.-Петербург“,  или од „Сандански-синоним на националните интереси и прогресивните барања“ од академик Данчо Зографски или од сите оние дебели томови „Историја на културата на почвата на Македонија“, под редакција на академик Георги Старделов. Што е украдено, а што е наше? Зошто молчи Старделов? И тој ли украл од светската, балканската и туѓата историја?! Дали човекот со презиме Заев знае нешто во врска со тоа, односно кога и од каде е украдено тоа што Старделов и МАНУ го објавиле досега во десеттина тома?

Што мислат за најновите „државнички откритија“  на нивниот супер-образован лидер членовите на СДСМ? Ќе ги скинат ли членските книшки или ќе го стават  во мирување својот ангажман во партија која во моментов ја предводи човек што „не размислува пред да отвори уста?“ Кој оди по таков водач? Што се однесува до „шарените“, односно „штавените“, таму работата е малку појасна! Пред неколку дена проф. д-р Дана Прелиќ од Природно-математичкиот факултет вио Скопје го сублимира расположението на најголемиот дел од нејзините колеги- „револуционери“. Нејзината изјава ја пренесувам во целост: „Со жалење констатирам дека се чувствувам како првокласна глупача, бидејќи се надевав дека нешто ќе се смени во државата.“ Како може нешто да се смени кога државата ја предводи персона на која секој може да му ветува дека еден ден ќе му пушти вода во базенот, а тој сепак продолжува да скокна главечки без да ја чека водата? Притоа, се разбира, може да продолжи да скока колку сака и каде сака, но сам, без народот, зашто народот добро знае што е будалетинка а што велепредавник!