Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христија Мицкоски, денеска од конференцијата на Унијата за млади сили на партијата, најави три клучни мерки за младите. Првата, како што рече, е поевтини станови за млади брачни двојки до 35 години, за 20 проценти.

– Сакам да објавам три мерки, проекти за младите, кои ценам дека ќе ги решат најважните прашања кај младите – а тоа се егзистенцијата и домувањето. Нашата борба е со проекти и дела. Првата мерка којашто денеска ќе ја објавам, а којашто наскоро ќе се најде како закон пред пратениците е мерка во која ниту една градежна компанија што има намера да гради станбени единици, згради, без разлика во кој град и без разлика на кое место во Македонија, не може да добие дозвола за градба ако не оддели минимум 10 проценти станбена површина за брачни парови до 35 години, по цена која што ќе биде најмалку 20 проценти пониска од пазарната цена – нагласи Мицкоски.

Тој порача дека тоа е негова порака до сите градежни компании и оти по донесувањето на овој закон нема веќе дозволи за градење, нема веќе бетонизација, туку ќе биде хумано градење и домување, а за младите брачни двојки до 35 години 10 проценти од станбените единици, минимум 20 проценти попуст од секој метар квадратен во зградата.

– И ова ќе биде регулирано со закон, има политички партии што се обидуваат да прават естрада дека требало од буџетот да субвенционираме еден, два проценти од каматните стапки.. Не еден, два, туку минимум 20 проценти пониска цена. Ова е вистинска мерка – порача Мицкоски.

Тој денеска се обрати на 35-та годишна Конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, под мотото „Нашата генерација-нашата Македонија. На младите им порача дека постојат генерации кои добиваат можност да направат нешто поголемо од себе, нешто што ќе остане и по нив, нешто што ќе биде темел врз кој ќе продолжат да градат генерациите што доаѓаат.

– Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ има своја историја, традиција и генерации луѓе кои поминале низ нејзините редови. Но секоја организација, колку и да е долга нејзината историја, мора постојано да си го поставува прашањето што создава денес и какви луѓе подготвува за утре. Нашата генерација, Вашата генерација е она што го оставаме за нашата Македонија – порача Мицкоски.