Пратеничката Рашела Мизрахи, која беше претседател на собраниската Анкетна комисија за случувањата во Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија денеска информира дека до претседателот на Собранието Талат Џафери испратила допис да ги достават сите материјали од Анкетната комисија до Јавното обвинителство.

– На ден 19.12.2023, Основното јавно обвинителство испратило допис со барање за достава на материјалите од работата на Анкетната комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија од Собранието. Бидејќи мандатот на Анкетната комисија е истечен, како поранешен претседател и поранешен нејзин член, испратив допис до Претседателот и Генералниот Секретар на Собранието укажувајќи дека е потребно да постапат по барањето на ОЈО во рокот предвиден со истото. Работата на Анкетната комисија беше апсолутно и целосно транспарентна за јавноста и со тоа ја постигна целта да се прикаже вистината таква каква што е, пишува Мизрахи на својот фејсбук профил.

Таа додава дека се што требало да направи Комисијата е направено и дека останатото е во рацете на Јавното обвинителство.