Московскиот градоначалник, Сергеј Собјанин, поради наглото зголемување на бројот на заразени со Ковид-19, денеска соопшти дека деновите од 15 до 19 јуни ќе бидат неработни, а ќе им бидат платени на сите вработени.

На својот официјален блог градоначалникот напиша дека „тоа е долг неработен викенд од вкупно девет дена“, што ќе почне од денеска, јави Тасс.

Собјанин објасни дека оваа одлука се однесува на компаниите и организациите од сите форми на сопственост, кои вообичаено не работат за време на викенд.

„Се разбира, ова не се однесува на компаниите што се клучни во функционирањето на градот, како и за организациите задолжени за безбедноста, одбранбените компании, Росатом, Роскосмос и некои други стратешки индустрии …“, напиша Собјанин.

Московскиот градоначалник посочи дека сега е потребно барем да се намали стапката на ширење на инфекцијата, ако не може да се запре.

Московските ресторани, барови, ноќни клубови и други слични места до 20 јуни ќе се затвораат најдоцна до 23 часот, објави Собјанин.

Бројот на потврдени случаи на инфекција со коронавирус во Русија се зголеми за 13.510 на вкупно 5.193.964, што е највисока дневна бројка од 15 февруари, соопшти денеска московскиот Кризен штаб.

Русија уште во август минатата година соопшто дека има вакцина за САРС КОВ 2 (Спутник ВЕ) но процесот на вакцинирање оди слабо, а една од причините можеби е во тоа што најмалку половина од Русите не сакаат да се вакцинираат.