Речиси 25.000 граѓани досега се пријавиле на линкот vakcinacija.mk за вакцинација против сезонски грип, според информации од системот „Мој термин“. Вакцинацијата се очекува да почне од 16 до 25 октомври. Првите 30.000 дози вакцини се од GCFLU Multi inj., производ на компанијата GC Biopharma Corporation, Кореја – информираа за МИА од Министерството за здравство.

Станува збор за тривалентната вакцина GC Biopharma – Influenza Vaccines за 2026 година, која е одобрена од Светската здравствена организација и ги исполнува строгите критериуми за квалитет, односно задолжително е обезбеден сертификат за квалитет, издаден од производителот и сертификат од референтна лабораторија за контрола на квалитетот од ОМЦЛ-мрежата (Official Medicines Control Laboratories) – наведуваат од Министерството.

Првата пратка вакцини, како што посочуваат, се обезбедени преку заем во рамките на веќе утврдена меѓународна соработка од соседните држави, во конкретниот случај со УНИЦЕФ/Албанија.

Дваесет и шест илјади дози вакцини против грип се од компанијата „Санофи“ и тие ќе стигнат до 15 ноември. Разговорите за другите 24.000 дози вакцини се во тек. Приоритетните групи за вакцинација ќе ги утврди комисијата за имунизација – потенцираат од Министерството.