Поради растот на бројот на случаи на Ковид19 од денеска Министерството за здравство еднаш дневно ќе информира за точните статистики и бројки на заболени лица од Ковид19.
Ќе информираме за состојбата до 12 часот и таа бројка ќе се однесува на претходните 24 часа, соопшти денеска Министерството за здравство.
Од Министерството појаснуваат дека сосега ова го правеле два до три пати во денот, но, како што појаснуваат, откако има локална трансмисија и почнуваат да се вршат тестирања на повеќе локации, собирањето на точните бројки и статистики бара повеќе време.
-Заради локалната трансмисија и појава на изолирани случаи настрана од кластери на пациенти кои се во ко-релација во Скопје и Дебар, а веројатно истото ќе се случи и на други локации, нема да бидеме во можност за сите слуачи да споделуваме информации од епидемиолошката анкета, како што тоа го правевме досега. Ова практично значи дека нема да можеме секогаш да одговориме или информираме за контактите кои заболените ги имале со други лица или колку дополнително луѓе се тестираат како резултат на контакт со секој од новозаболените. Веруваме дека разбирате за каков обем на информации и процеси се работи и дека тоа практично нема да биде возможно, велат од Министерството за здравство.
Нашата ПР служба, додаваат од Министерството, е максимално посветена да го одговри секое прашање во најкус можен рок и тоа ќе продолжи да го прави и во иднина.
-Сепак, замолуваме за разбирање доколку во одреден момент недоволно брзо одговараме. Тоа е најчесто така затоа што службите во здравствените институции имаат многу работа и не можат со очекуваната брзина да ни достават точни информации, се вели во денешното соопштение од Министерството за здравство.
Министерството за здравство, потенцираат оттаму, од првиот ден прави огромни напори навремено, транспарентно и точно да ја известува јавноста и да комуницира со медиумите. Искрено се надеваме, велат, дека досега ја стекнавме вашата доверба и ќе се потрудиме да направиме се и понатаму да продолжиме така.