Научниците од американската вселенска агенција НАСА предупредија дека чадот од пожарите во Австралија направи најмалку еден „полн круг“ околу светот и се врати оттаму од каде тргна.

Големите пожари што го опустошија источниот брег на Австралија доведоа до ширење на чадот над Пацификот. НАСА соопшти дека околу Нова година чадот стигнал до Јужна Америка, а до 8 јануари веќе ја поминал половина планета.

– Кога еднаш ќе се најде во стратосферата, чадот може да патува илјадници километри, менувајќи ги атмосферските услови на глобално ниво, посочи НАСА.

Според американската вселенска агенција, чадот ја смени бојата на небото над Јужна Америка и значително влијаеше врз Нов Зеланд, каде е регистрирано загадување на воздухот, а чадот го потемни снегот на планините.

НАСА наведе дека го проучувала влијанието на чадот врз атмосферата и дали тој ќе влијае врз ладењето или загревањето.

Поради чадот од пожарите воздухот е загаден и во големите австралиски градови како Сиднеј, Мелбурн, Канбера и Аделејд.

Стотици шумски пожари избувнаа во Австралија, во кои загинаа 28 лица, уништени се над 2.000 домови, а се проценува дека настрадал и голем дел од живиот свет.

Според експертите интензитетот на пожарите е непредвидлив, а причина за тоа се климатските промени.

Во источниот дел на Австралија активни се околу сто пожари. Метеоролозите најавуваат дожд, што ќе помогне во гаснењето на пожарите.