Негативни се резултатите за двајцата инфектолози и главната медицинска сестра на штипското Инфективно одделение, кои во изминатиот период беа секојдневно на своите работни места и работеа во услови кога 14 здравствени работници беа во самоизолација, информира денеска директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев.

Тој посочува дека ова е позитивна веста, а здравствените работници кои се буквално на првите борбени линии им помагаат на хоспитализираните пациенти кои се на лекување од Ковид 19, истовремено и добро се заштитуваат. На ова одделение во текот на викендот на работа треба да се вратат 10 здравствени работници, кои по вториот тест се покажаа дека се негативни.

-Се прават нови распореди за работа на медицинскиот персонал на ова одделение.Во моментов на штипското Инфективно одделение имаме тројца инфектолози од Штип, се врати едниот инфектолог кој по вториот тест се покажа дека е негативен, на помош ни доаѓа и инфектологот од Кочани, вели Ѓеорѓијев.

На ова одделение денеска се лекуваат осум пациенти заразени со коронавирус од целиот источен регион, еден пациент од вчера попладнето е испратен на Клиниката за инфективни болести. На одделението остануваат и пет сомнителни случаи.

МИА и претходно информираше дека позитивни на коронавирус се вкупно шест здравствени работници од Клиничка болница-Штип, од кои двајца лекари, инфектолог и анестезиолог, потоа две медицински сестри и двајца болничари. Во самоизолација се четворица здравствени работници од одделението за ортопедија.