Досега вкупно 871.488 лица, 272.177 домаќинства и 368.595 станови се попишани заклучно со 20 часот вчера, објави денеска Државниот завод за статистика.

Директорот на ДЗС, Апостол Симовски во неговата вчерашна изјава од Дебар рече дека до денеска очекува еден милион попишани граѓани.

– До вчера попишани се точно 800.008 граѓани, а до утре очекуваме бројка од милион попишани граѓани. Бројот на оние кои одбиваат е незначителен, а по разговорите, кај нив повеќе нема двоумење се попишуваат. Оние кои повикуваат на бојкот, главно преку социјалнте мрежи не и мислат добро на државата. Повторувам дека пописот е статистичка, а не политичка операција, изјави вчера Симовски.

Граѓаните преку социјалните мрежи реагираат дека „пописот не се одвива онака како што е прикажан во изјавите на Симовски и политичарите“ и има сомнежи во бројките на попишани што се соопштуваат.

Можноста за самопопишување на лица во странство, пак, досега ја искористиле 193.236 лица.

Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, кој официјално започна на 5 септември ќе трае до 30 септември.