Болничарка и медицинска сестра од кумановската болница кои го прележале коронавирусот и добиле два негативни тестови, повторно се инфицирале и добиле позитивен брис, објави „Слободен печат“ .

Во еден од случаите, станува збор за болничарка која водена од хуманоста отишла да донира крвна плазма за да му помогне на друг човек да се излекува и при стандардните рутински проверки кои му се прават на секој излекуван пациент, дознала дека всушност во моментот е носител на вирусот и дека не може да донира. Оваа информација била шокирачка за сите, си помислиле да не е грешка, но набрзо се појавил уште еден ист случај, пишува весникот.

Директорката на Општата болница Куманово, д-р Снежана Захариева, специјалист анестезиолог, ја потврдила информацијата и истакнува дека вирусот за сите е непознаница, дека клиничките слики и интензитетот на сериозноста на случаите варира и дека единственото правило е дека нема правила.

– Не можам да негирам. И јас бев изненадена. Жената беше меѓу првите заразена, уште во времето кога почина првата пациентка од Ковид-19 во нашата болница. Се работи за болничарка од оддел за очни болести. Имаме и уште еден случај, станува збор за медицинска сестра на хирургија која беше асимптоматска и на 2 април беше позитивна. Потоа доби два негативни теста и појде на работа. Но, почна да развива симптоми, ја тргнавме од работа. И се направи повторно брис и излезе пак позитивна, вели Захариева.