Во сабота ќе се случи најголемиот собир виден години наназад во Македонија, има одлична атмосфера и во Скопје и низ цела држава, има силна енергија и еуфорија, насочена локацијата каде ќе биде протестот пред владата, со цел рушење на оваа влада на СДСМ и ДУИ. Очекувам преку 100.000 луѓе да дојдат на тој собир, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски кај „Јанко Јади бурек“ на ТВ Сонце.

Николоски истакна дека после толку масовен протест, одговорна влада ќе си замине но бидејќи владата на Ковачевски не е одговорна влада, ќе следат низа активности кои ќе доведат до предвремени парламентарни избори.

– Ова ќе биде најголемиот собир кој треба да стави крај на ова владеење на СДСМ и ДУИ. Одговорна влада после таков собир треба да си замине. Не очекувам дека Ковачевски ќе рече дека си оди, но после тоа продолжуваме со протестно лето, кое ќе значи крај на оваа влада и очекуваме предвремени парламентарни избори. Ги повикувам граѓаните да бидат дел од оваа промена што се случува во Македонија, потенцираше Николоски.

Тој посочи дека власта од страв од масовноста се обидува да ги одврати луѓето, тоа оди во две фази.

– Првата фаза е со креирање афери или пресудата за одземање на имотот на партијата и кога видоа дека тоа не помина, сега одат со демотивирање на луѓето. Прво вкупно полицијата има капацитет да запре 5 до 7 автобуси, а ние очекуваме 100.000 луѓе, толкава маса на луѓе што никој нема да може да ги запре, истакна Николоски.

Николоски додаде дека секој кој мисли дека оваа влада не е добра и нечини ќе даде поддршка за протестот и појасни дека ќе има три рути за движење на истиот.

– Ќе им три рути за движење, едната од пред Собрание, втората рута од кај Сити Мол во Карпош и третата од МТВ и ќе завршуваат пред владата. Оваа голема бројка која ја очекуваме нема да го исполни протестот, ќе има луѓе на местото Гоце Делчев и делот кај Пошта и за нив ќе има големи видео бимови да го следат настанот, рече Николоски.

Според Николоски, поради неспосбноста на власта, еконоската криза следната зима ќе биде таква што буквално ќе ја разурне државата. Во однос на бугарското вето, тој го повтори ставот искажан досега, дека проблем е корупцијата во Македонија, поради што европските земји не сакаат да седат на иста маса со нас. Доколку не е така, вели Николоски, европската дипломатија за едно попладне ќе го реши проблемот со Бугарија.

Николоски додаде дека реално инфлацијата во Македонија е некаде околу 50-тина проценти, ако реално се гледаат цените, а тоа дополнително ќе го уништи стандардот на граѓаните.

– Прво, фирмите немаат доволно сила да ги креваат платите колку што растат цените, уште помалце тоа може да го прави Буџетот. Дури и да се случи тоа, тогаш ќе се влезе во една инфлаторна спирала каде што комплетно ќе изгубат парите вредност. Но, во услови кога не можат да го прават тоа се помалку ќе можат граѓаните да имаат некој пристоен живот и за жал се повеќе ќе расте сиромаштијата, појасни Николоски.

Тој посочи дека со ваква Влада Македонија може банкрот да ја очекува, бидејќи државата оваа година ја задолжија за уште милијарда евра.

– В година не гледам кој ќе ни даде пари како држава. А, досега Македонија е задолжена преку 8 милијарди евра. Долгот на Македонија е преку 8 милијарди евра, а за споредба кога ја преземаа власта 2017 година беше под 4 милијарди евра и редовно се сервисираше. Значи стариот долг го немаат вратено од власта и плус имаат дуплирано долг, нагласи Николоски.

Николоски дури укажа дека задолженоста се мери според БДП. Кога Заев стана премиер во тој момент задолженоста на Македонија беше некаде околу 36% до 37% од БДП. А, денес задолженоста на државата стига до 64% од БДП. А, со задолжувањата кои што се планираат со ребалансот на Буџетот ќе оди и до 70% од БДП.