Поголемиот дел од минатата деценија САД малку внимание обрнуваа на Латинска Америка. Наместо тоа се насочија кон зајакнување на економските, воените и дипломатските врски со Азија, како дел од стратегијата на Администрацијата на тогашниот претседател Барак Обама за намалување на влијанието на Кина, пишува Њујорк тајмс.

Но, откако Доналд Трамп влезе во Белата куќа, САД го напуштија таквиот пристап, повлекувајќи се од трговските договори со пацифичките држави, а на најблиските сојузници во Азија им забележуваат поради товарот што Вашингтон го презеде на себе заради нивната безбедност.

За сето тоа време Кина дискретно го спроведуваше својот долгорочен план низ цела Латинска Америка. Во рамките на тој план кинеската војска во Аргентина изгради контролна станица за сателитски и вселенски мисии.

Оваа вселенска станица во Патагонија, вредна 50 милиони долари, почна да работи во март како дел од кинескиот амбициозен план за испраќање експедиција на темната страна на месечината.

Нејзината сателитска антена со чинија висока колку 16 ката и тешка 450 тони е највпечатлив симбол на настојувањата на Пекинг да ја трансформира Латинска Америка, согласно своите потреби, со што директно ја поткопува политичката економската и стратешката моќ на САД во регионот.

Договорот за изградба на станицата беше постигнат во тајност во време кога на Аргентина очајно и беа потребни инвестиции. Постои загриженост дека со оваа станица, која иако е дефинирана како цивилна, би се зајакнале капацитетите на Кина за прибирање разузнвачки информации од западната хемисфера.

Во време кога САД сметаат дека нивниот примат во Латинска Америка не е доведен во прашање и овој континент практично го сметаа за свој „двор“, Кина на тоа подрачје ја ширеше трговијата, даваше поволни кредити, градеше огромни инфраструктурни проекти, ги засили воените врски и си обезбеди многу ресурси од тој дел на светот.

Ширењето на Пекинг се случи во поволен момент. Кинеските апетити за нафта, железо, соја и бакар од регионот и помогнаа на Латинска Америка да се заштити од најлошите последици на глобалната финансиска криза. Кина им помогна и си обезбеди договори со кои во наредните децении се зацврстува нејзината улога како централен играч во тој дел на светот.

Трговската размена меѓу Кина и земјите од Латинска Америка и Карибите минатата година достигна 244 милијарди долари, што е двојно повеќе отколку пред една деценија. Од 2015 година Кина ги надмина САД како најголем трговски партнер на Јужна Америка.

Американскиот помошник државен секретар од времето на Обама, Френк Роуз за „Њујорк Тајмс“ вели дека постои загриженост дека Кина развива софистицирана технологија за попречување и уништување сателити.

Тој тврди дека Кина го прави тоа за да ја намали американската воена предност, која во голема мерка е резултат на предноста во Вселената.

Кога беше договорена изградбата на вселенската станица во Патагонија, на Аргентина и беа неопходни пари за да отплати милијарди долари долг. Кина и понуди 10,2 милијарди долари за стабилизирање на националната валута и и вети уште толку за ревитализација на застарената железничка мрежа. За возврат Кинезите бараа локација од која би можеле да лансираат свои сателити пред да испратат експедиција на Месечината.

Доколку биде успешна таа мисија би можела да претставува пресвртница во истражувањето на Вселената и потенцијално би го трасирала патот за експлоатација на хелиум 3, за кој научиниците веруваат дека ќе овозможи револуционерно чист извор на енергија.

Кинезите презедоа уште неколку чекори со кои го изненадија Пентагон. Во октомври 2015 година беа домаќини на министрите за одбрана на 11 латиноамерикански држави на десетдневен форум посветен на воената соработка.

Копирајќи го она што Американците го прават ширум светот, Кинезите организираа заеднички воени вежби, дури и поморски, во водите на Бразил и Чиле. Тие контакти им овозможија и продажба на кинеска воена опрема.

Еван Елис од американскиот Воен колеџ во Пенсилванија вели дека додека ја спроведува таа соработка, Кина со едното око гледа кон САД, односно кон можноста за избувнување судир со Американците.

– Кина себе си се позиционира во свет кој би бил безбеден за кинескиот развој. Ако зборуваме за светот во 2049 година, од перспективата на Латинска Америка, Кина неспорно ги претрка САД кога се работи за апсолутната моќ и големина. Искрено, доколку се случи некој конфликт, би дошле до точка во која не може да се исклучи можноста кинеските сили да оперираат од бази во тој регион, вели Елис.

Само неколку недели по стартувањето на вселенската станица, САД најавија дека ќе финансираат изградба на центар за вонредни состојби, исто така во Патагонија, тврдејќи дека тие две работи не се поврзани.

И додека Администрацијата на Трамп дури допрва треба да артикулира јасна политика кон западната хемисфера, Вашингтон веќе им испрати предупредување на земјите од тој дел на светот да не бидат премногу блиски со Кина.

Жорж Арбаш од бразилското Министерство за планирање вели дека посилно партнерство меѓу САД и Латинска Америка било оневозможено поради „непредвидливоста“ на Вашингтон, додека Кина била многу појасна кога станува збор за нејзините визии.