Од рано утрово започна пренесувањето на 1.500 бегалци и мигранти од грчкиот остров Лезбос кон Северна Грција.

Поголем дел од нив, 1.000 лица, ќе се сместат во прифатниот центар Неа Кавала во Кукуш, на околу 15 километри од границата со Македонија, додека, пак, останатите 500 ќе бидат распределени во други кампови во северниот дел на земјата, jави МИА од Атина.

Пренесувањето ќе се одвива со два брода, едниот со 635 бегалци и мигранти од Лезбос замина за Солун, а другиот се очекува да тргне околу пладне.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА целиот процес на Лезбос започнал околу четири часот утрово, го водат полицијата и крајбрежната служба на Грција, а вклучени се и камиони на армијата за пренесување на личните работи на мигрантите и бегалците.

Пренесувањето на бегалци и мигранти од островите во други центри е една од седумте мерки што во саботата беа донесени на вонредниот состанок на владиниот совет за надворешна политика и одбрана на Грција одржан во премиерската палата.

За време на викендот грчката крајбрежна служба, во неколку одвоени случаи пронашла и спасила околу 200 бегалци и мигранти кои од турското крајбрежје стигнале на грчка територија.

Во текот на вчерашниот ден, до попладневните часови, во два случаја во северниот морски дел на Лезбос биле спасени вкупно 99 бегалци и мигранти кои биле пренесени на пристаништето во Митилини на грчкиот остров.

Во саботата, исто така, северно од Лезбос во чамец биле откриени 50 бегалци и мигранти.

Од грчката крајбрежна служба, доцна синоќа соопштија дека во саботата во близина на Пелопонез бил забележан сомнителен чамец што пловел под турско знаме. По истрагата, било откриено пренесување на 19 патници, меѓу кои три деца, веројатно сите бегалци и мигранти и биле уапсени две лица што управувале со јахтата под сомнение дека се криумчари.