Слави Трифонов буквално за малку успеал да го преживее корона вирусот. Тој се зарази во пресрет на првите предвремени парламентарни избори во април годинава.

Долгиот, како што го викаат Бугарите Слави поради неговата висина, кој и онака е многу слаб, ослабел 9 килограми додека се бори против Ковид-19.

Постоеше реална опасност по неговиот живот, а во еден момент неговата сатурација паднала под 80 единици, иако нормалната  е над 95. 

Трифонов се разболе во текот на последната недела од неговата изборна кампања – некаде помеѓу 28 март и 4 април, пишува Новините.бг. Дотогаш, новиот политички лидер бил многу скептичен кон пандемијата.

Потсетуваме дека неговата партија „Има таков народ“ тогаш беше меѓу политичките сили кои отворено ја минимизираа потребата од соодветни мерки, па дури и ја критикуваа Владата на Бојко Борисов за воведување рестрикции. Меѓу редовните гости во партиската телевизија „7/8 ТВ“ е и проф. Андреј Чорбанов, кој е и кандидат на листите на Слави.

Некои сметаат дека Чорбанов е човекот кој го заразил Трифонов со Ковид-19, бидејќи непосредно пред тоа и тој тешко се разболел, па дури и бил во болница. Факт е дека во тоа време Слави постојано комуницирал со него. Се разбира, изворот може да биде различен – во тоа време тоа беше третиот бран на пандемијата, а Долгиот постојано се среќаваше со луѓе пред гласањето, велат Новините.бг.

Како и да е, на денот на изборите – недела, 4 април, Трифонов е веќе тешко болен. Тој всушност бил дијагностициран 3 дена порано – во четвртокот. Неговата состојба нагло се влошува и тоа е причината што Слави не се појави во изборната вечер ниту на видео. Наместо тоа, на неговата лична страница на Фејсбук беше објавено дека е заразен со Ковид-19 и се опоравува. Шоумен-политичарот не е хоспитализиран, но го згрижува медицинска екипа во неговиот дом. Тој бил ставен на кисолород, кој му бил доставен под итно, бидејќи почнал да чувствува отежнато дишење.

Температурата не му паѓала под 38 степени, а страдал од жестока кашлица. Една од причините зошто е на границата меѓу животот и смртта е неговото општо лошо здравје. Се смета дека на Слави му била дијагностицирана мултиплекс склероза (МС) – нешто што тој досега официјално не го потврдил, велат Новините.бг.

Во секој случај, „Ковид-19“ го урива неговиот имунитет и тој се подложува на интензивна терапија со лекови. Дури на почетокот на мај, еден месец подоцна, тој само до одреден степен се опоравил од вирусот.

„Всушност, Ковид-19 му ја уништи политичката кариера на Слави. Тој неколку месеци не можеше да донесе никакви одлуки и се’ остави во рацете на Тошко Јорданов. Од болеста на Трифонов произлезе оваа недоследност во постапките на „Има таков народ“ и општото чувство на хаос“, коментира член на тимот.

Самиот Слави призна дека тешко поминал со Ковид-19 во интервјуто со новинарот Бојко Василев од „Панорама“ на крајот на август. Повторно во ова интервју, Трифонов откри дека бил вакциниран. Ова се случило летото по консултација со лекар. Иако имал многу антитела, на Слави му била дадена вакцината Модерна, која се смета за најпогодна за луѓето во неговата состојба.