Европската унија ќе одвои 18 милиони евра помош за Иран, вклучително и за приватниот сектор, со цел земјата да може да ги надмине последиците од санкциите на САД.

Средствата се дел од големите напори на ЕУ да го зачува мултилатералниот Договор за нуклеарната програма на Иран, откако во мај се повлекоа САД. ЕУ од буџетот вкупно ќе оддели 50 милиони евра за помош на Иран согласно постигнатиот Договор во 2016 година.

– Со овој нов пакет ќе се прошират економските и секторските односи во областите кои се од директна корист за нашите граѓани, изјави високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, додавајќи дека Унијата сала да ја задржи соработката со Иран.

Осум од 18 милиони евра се наменети за приватниот сектор односно за средните и малите фирми и за помош на иранската Организација за помош на трговијата. Други осум милиони евра се наменети за еколошки проекти, додека два се за борба против наркоманијата.