Македонците од Бугарија по вчерашната изјава на бугарскиот премиер Кирил Петков дека „македонско малцинство во неговата земја не постои“ се јавија со прашањето: Колку е апсурдно чувството да се кажуваат очигледни лаги во кои никој освен измамените граѓани на Бугарија не верува?

Според ОМО Илинден Пирин, прогонот и асимилацијата врз македонското малцинство беше првиот преродбенски процес што го започна Тодор Живков и единствениот кој се уште не е запрен или осуден, пренесе порталот Пресинг. Ова е последната тоталитарна политика во ЕУ и како таква е бугарски срам за Европа, велат Македонците од Бугарија кои досега во повеќе наврати добиле пресуди од Европскиот суд за човекови права во Стразбур во нивна корист.

– Негирањето на македонското малцинство во Бугарија е срам за бугарската држава и демократија. За жал, во Бугарија лагата е претворена во национално достоинство, беззаконието во ред, кршењето на човековите права во морал, асимилацијата и дискриминацијата во животни работи. Колку побрзо Бугарија се ослободи од лагата дека ги немаме останатите наши свети лаги за Македонија и Македонците, толку подобро ќе биде и за неа и за сите граѓани на Бугарија и на Балканот. На премиерот му посакуваме брзо закрепнување од овој срам и од оваа болест! Вакцина против тоа е вистината. Друго нема, велат од организацијата на Македонците во Бугарија.

Премиерот Петков утре треба да допатува во прва официјална посета на Македонија. А во вчерашното интервју за БТВ изјави дека „во Бугарија не постои македонско малцинство“ и побара „гаранции за Бугарите во Македонија“.