Организацијата за исламска соработка (ОИС) денеска на вонредна средба ќе расправа за најавата на Изарел да анкетира подрачја од Западниот брег, соопшти турското Министерство за надворешни работи.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во вторникот изјави дека ќе ја анектира Долината на реката Јордан, делот од окупираниот Западен брег што Израел го зазеде во војната од 1967 годиа, а кој Палестинците го сакаат како дел од својата држава, наведуваат британските медиуми.

Блискоисточните и европските земји изразија загриженост за овој план, за кој Нетанјаху кажа дека ќе го спроведе доколку победи на изборите закажани за неделава.

Арапските министри за надворешни работи уште во вторник го осудија планот, оценувајќи го како агресија која поткопува какви било шанси за мирно решавање на палестинското прашање.

Во соопштението на турското МНР се наведува дека средбата на ОИС ќе се оддржи во Џеда, во Саудиска Арабија, за да се разговара за намерата на Нетанјаху да ја анектира Долината на Јордан  и нелегалните населби на Западниот брег.

Во Долината на Јордан, во подрачјето северно од Мртво море,  живеат околу 65.000 Палестинци и 11.000 израелски доселеници, наведува израелската хуманитарна органзиација Бтселем.