Високиот комесар на ОН за човекови права Мишел Бачелет денеска изјави дека е неопходно спроведување на меѓународна истрага за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги.

– Навистина сметам дека од правна гледна точка неопходна е истрага за утврдување на тоа што всушност се случило и кои се одговорните за тоа убиство, изјави Бачелет.

Американски сенатори вчера, по добивањето на информации од Централната разузнавачка агенција (ЦИА), соопштија дека „се посигурни од кога и да било“ дека саудискиот престолонаследник, принцот Мохамед бин Салман е одговорен за убиството на Кашоги.

Во меѓу време, Јавното обвинителство во Истанбул издаде налози за апсење на поранешниот главен советник на принцот Мохамед бин Салман, Сауд ал Кахтани и на поранешниот заменик раководител на саудиската разузнавачка служба Ахмед ал Асири, под сомнеж дека го испланирале убиството на Кашоги.

Кашоги беше убиен на 2 октомври во саудискиот Генерален конзулат во Истанбул.