Околу 1,7 милиони луѓе се заразиле со ХИВ во 2018 година. Тоа претставува намалување од 16 отсто во споредба со 2010 година. Намалувањето се должи на ефективните мерки во Источна и Јужна Африка, се наведува во извештајот на ОН.

Според податоците во Јужна Африка, бројот на нови случаи на СИДА е намален за повеќе од 50 проценти. Во исто време, постои алармантно зголемување од околу 29 отсто во Источна Европа и Централна Азија, како и на Блискиот Исток, Северна Африка и Латинска Америка.

– Најзасегнати се младите на возраст од 14 до 24 години и тоа е неприфатливо по толку години мобилизација и борба, вели Кристин Кафандо, претставник на невладина организација.

Исто така, пораст бележи и бројот на лица кои биле подложени на третман, така што минатата година тој број изнесува 23 милиони од вкупно 38 милиони луѓе кои го имаат вирусот. Речиси 770.000 луѓе починаа.