Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека унгарската влада в понеделник ќе донесе одлука за натамошните правни чекори кои ќе ги преземе и ќе се спротивстави на одлуката на Евроспкиот парламент за покренување казнена процедура против Будимпешта, поради „омаловажување на демократските стандарди на ЕУ“.

Тој додаде дека Брисел сака да и го одземе на Унгарија правото да си ги штити сопствените граници.

– Тие сакаат од Брисел овде да ни испратат платени војници кои ќе пуштаат емигранти (во Унгарија), изјави Орбан за државното Кошут радио, пренесува МТИ.

Во врска со извештајот на европратеничката од Холандија Џудит Саргентини, кој Европарламентот го усвои во средата, Орбан рече дека дисциплинскиот процес покренат со тој извештај не претставува „никаква опасност“ за Унгарија.

Унгарскиот премиер смета дека тој извештај е мотивиран од ултиматумот кон Европа што германската канцеларка Ангела Меркел го изнела на состанокот со францускиот претседател Емануел Макрон, според кој земјите од европскиот блок треба да се откажат од некои надлежности во контролата на границите и да им ги предадат на Брисел.

– Планот е, доколку не можат да ја присилат Унгарија да прими мигранти, тие да и го одземат правото на контрола на сопствената граница. Тие сакаат да ја жигосаат Унгарија и да го ослабат отпорот од Унгарија, порача Орбан.

Тој додаде и дека очекува „сериозна правна дебата“ во врска со оваа одлука. Орбан потсети дека Европарламентот завчера изгласа санкции против Унгарија заради „омаловажување на правилата на ЕУ во поглед на демократијата, граѓанските права и корпупцијата“.