Нема ништо спорно со споменикот во Слупчане, изјави денеска министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи на прашање на прес-конференцијата за посетата на отворањето на споменикот на УЧК во Липково.

Османи рече дека биле поканети како гости и не гледа ништо спорно во тоа.

– Вчерашната посета не беше партиска активност, туку добивме покана од Општина Липково, која ги има запазено сите процедури за изградба на споменик во општината. Со одлука на Советот и сите останати одлуки во рамки на локалната власт, а ние бевме поканети како гости и не гледам ништо спорно во тој дел, рече Османи.

Но, за министерот Османи има „нешто спорно“ околу неговата сопартијка Теута Арифи и нејзините кандидатури за амбасадорка. Спорни се, според Османи, информациите што се објавуваат. Тој денеска пред медиумите апелираше да ги проверуваат своите информации, пред да избрзаат да објават нешто. Османи говореше за амбасадорскиот случај со поранешната министерка и градоначалничка на Тетово, Теута Арифи.

– Немало предлог за Теута Арифи да биде амбасадор во Анкара, мејнстрим медиуми тоа го кажуваат. Апелирам да се проверуваат информациите. Немало предлог за Вашингтон, имало разговори, но никогаш формализиран предлог, истакна Османи.

Неодамна министерството на чие чело е Османи демантираше дека немало ниту предлог за амбасадорка на Арифи во ЕУ. Чудно е од каде толку многу дезинформации за Теута Арифи!?