Разговорите и преговорите се во тек, се обидуваме да направиме инклузивен процес и јас сум оптимист, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бујрам Османи, коментирајќи ги барањата на БЕСА за уставните измени, за чија финална фаза треба да продолжи расправата во Парламентот.
Овој процес, нагласи Османи, е неповратен и не верувам дека динамиката за негова имплементација ќе може да се измести.
-Се обидуваме да го направиме колку што е можно поинклузивен и попартиципативен, наведе Османи, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата за стартот на изградбата на автопатот Скопје-Блаце.
Појаснувајќи ја неговата неодамнешна изјава, вицепремиерот Османи наведе дека кажал оти се сомнева дека во самиот процес има скриена рака која се обидува да го руши.
-Тоа го гледаме во различни форми во последните три месеци, меѓутоа силата на волјата на граѓаните овој процес да се реши е толку голема и не верувам дека може да се врати назад. Јас сум оптимист дека денеска и во наредните денови овој процес ќе се реши. Се надевам дека ќе се реши и денеска, изјави Османи.