Никој не може да го оспори правото на црквата да протестира, секој има уставно право на тоа, но според информациите што доаѓаат на овие теми, чудно ми е што црквата првпат повикува на протест по тој повод. Мислам дека имавме многу потешки дилеми со кои се соочија црквата и државата, изјави синоќа по повод протестот на МПЦ-ОА во интервју за ТВ 24 претседателот Стево Пендаровски.

Според Пендаровски, како што пренесе 360 Степени, протестот е беспредметен бидејќи, како што рече, Владата ги повлече од процедура двата закони против кои се протестира – за родова еднаквост и за матичната евиденција и побара поширока општествена дебата.

– Во спротивно, добро е црквата да погледне како папата се справува со ваквите проблеми. Не гледам причина зошто нашите свештеници осудуваат некого ако гласа за ваков закон, посочи претседателот.

На прашањето дали руското влијание има вмешано прсти во протестот на МПЦ, Пендаровски посочи дека тоа постои, но не би било во ред да им се одземе легитимноста на оние што протестирале.

– Руско влијание неспорно имаше и при упадот на 27 април во Собранието, но не можеме да кажеме дека немаше легитимно незадоволство на граѓаните. И сега ако имате повик од највисоката инстанца, Синодот на МПЦ, не може да кажеме дека некоја руска служба го натерала дедо Стефан да потпише такво соопштение. Постои легитимна загриженост кај Синодот, не зборувам дали се во право или не се, рече Пендаровски.

Тој посочи дека има налепени руски елементи и тоа во највисокото раководство на Синодот и „тие тоа го знаат“.

– Во највисокото раководство на Синодот, не мислам на поглаварот. Јас знам и тоа сум им го кажувал на највисоките црковни достојници. Се базирам на извештаите на органите кои се бават со таа работа. Не само на Агенцијата за разузнавање, членка сме на НАТО, од 30 други земји, од 30 други служби добивам информации бидејќи сме дел од тој заеднички систем за споделување на информацииод разузнавачки и безбедносен карактер. Ние немаме таква сила од тука во Скопје да знаеме што се случува во Кремљ, меѓутоа во тоа партнерство ни помагаат доста и имаме доволно информации што се случува, рече Пендаровски.

Тој беше дециден дека во јавноста не може да се сподели информација за имињата на оние кои се поврзуваат со руските служби, бидејќи тоа се сензитивни работи.

– Во бизнис заедницата на високи позиции има луѓе кои одработуваат за Русија, во политички партии има луѓе кои се врзани со руските служби, додаде Пендаровски.